Фараж и Рама во жестока вербална пресметка: „Албанците не се таблоидна статистика за пост-Брегзит театар“
Жестока вербална расправија се разгоре меѓу лидерот на британската партија Реформа, Најџел Фараж, и албанскиот премиер Еди Рама, откако Рама во интервју за Гардијан ја критикуваше политиката на Обединетото Кралство за бегалците и третите земји, оценувајќи ја како „симптом на многу мрачно место“ во кое се наоѓа Британија денес.
„Фактот што Обединетото Кралство сериозно разговара за трансфер на бегалци во трета земја покажува дека нешто е сериозно нарушено. Ова не е земјата што ја знаевме, не е Обединетото Кралство на Винстон Черчил“, изјави Рама во интервјуто за Гардијан, додавајќи дека не може да прифати дека „Албанија е местото каде што Британија ги носи луѓето што сака да ги отстрани“.
Изјавата на Рама предизвика бурна реакција од страна на Најџел Фараж, кој во емисија на ГБ њуз изјави:
„Му порачувам на г. Рама: Дали знаете дека еден од 50 Албанци во Велика Британија се наоѓа во затвор? Затоа, покажете добра волја и вратете ги сите веднаш назад, бидејќи ова е лицемерие“.
По оваа изјава, Рама му одговори директно преку социјалната мрежа X (поранешен Твитер), каде што го оспори тврдењето на Фараж со конкретни податоци:
„Таа изјава дека ’еден од 50 Албанци е во затвор‘? Тоа не е факт. Тоа е бесмислица. Класика од ерата на Брегзит пост-вистини: ’Ако звучи страшно, тогаш мора да е точно‘. Дури и да претпоставиме дека сите Албанци во затвор се виновни (а многумина се жртви на застарени визни и имиграциски системи), нивната стапка на криминалност не е повисока од британската, можеби дури е и пониска“.
Рама понуди „јавен договор“:
„Да ги ставиме бројките на маса. Ако вашето тврдење се покаже точно, лично ќе ги вратам сите. Но, ако тоа е само таблоидно гориво, без драма, дојдете во Албанија како мој почесен гостин. Ќе добиете вистинско сонце, гостопримство и уште повистински факти за Албанија и нејзините прекрасни луѓе“.
Фараж потоа одговори на својот профил на X:
„Во Обединетото Кралство има 53.000 албански државјани, а 1.099 се во нашите затвори. Тоа е еден на 48. Ќе побарам од министерката за внатрешни работи да организира сите овие затвореници да ви ги вратиме. Ви благодарам за соработката“.
Рама не остана покусо. Во својата финална објава на X, го покани Фараж во Тирана:
„Мојата баба која беше католик, Бог да ја прости, често велеше: Errare humanum est, sed perseverare diabolicum – ’Да се згреши е човечки, но да се истрае во грешка е ѓаволски‘. Наместо да ја вознемирувате министерката, кажете ми кога да ве пречекам во Тирана како почесен гостин“.
Тој ја оспори и статистиката на Фараж пишувајќи оти бројката од 53.000 Албанци во Обединетото Кралство е особено смешна. Според него, реалната бројка е многу поголема, можеби дури и 140.000. Како што рече, ако тоа е точно, тогаш помалку од еден од 100 Албанци се во затвор, прашувајќи го Фараж колкумина од нив „се осудени за нешта што немаат врска“ со британскиот „застарен имиграциски систем“.
Dear @Nigel_Farage,
My Catholic grandmother, God rest her soul, used to remind me of the Latin proverb: Errare humanum est, sed perseverare diabolicum. That I guess goes something like: To err is human, but to persist in error is diabolical.
So instead of bothering the already… https://t.co/9d10EQgryV pic.twitter.com/d6rm3x9W4A
— Edi Rama (@ediramaal) June 29, 2025
„Албанците во Британија не се статистика што треба да се извртува за пост-Брегзит политички театар, почитуван г. Фараж. Тие се студенти, академици, градежници, возачи, сопственици на бизниси и партнери. И ако еден од илјада потфрли, тоа не го прави мнозинството жртвено јагне за вашата национална конфузија“, вели Рама.
Додава оти Албанија стоеше рамо до рамо со британската влада во драматичното намалување на илегалната миграција и во борбата против криминалот.
„Вистинските бројки го докажуваат тоа – и тоа се нарекува соработка. Но, ‘еден од 50 Албанци во британските затвори’? Тоа не е факт – тоа се нарекува пост-Брегзит заблуда“, заклучи Рама.