Марта Кос од Скопје: „ЕУ не може да биде обединета без Западниот Балкан“

5

„Првпат во историјата, ако правилно постапуваме, можеме вистински да ја обединиме Европа преку процесот на проширување. Европа не може да биде обединета без Западниот Балкан“, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос, денеска од Скопје, обраќајќи се пред лидерите на земјите од регионот.

Кос ја истакна важноста на процесот на проширување како дел од визијата за независна и силна Европа, каде граѓаните самите ја одредуваат својата иднина. Таа ја нагласи потребата од зајакнување на конкурентноста, одбрана на демократијата од надворешни влијанија и зацврстување на безбедноста на континентот.

Постои јасен консензус во ЕУ за дополнително и итно проширување – сега. Таква поддршка досега не сме имале, но шансата нема да трае вечно. Ја имате, искористете ја.

рече Кос, повикувајќи ги земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите.

Таа посебно го пофали напредокот на Албанија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, нагласувајќи дека Албанија веќе има отворено три кластери, Црна Гора затворила уште едно поглавје, а Босна покажала реформска динамика.

Кос му се обрати и на косовскиот премиер Албин Курти за, како што рече, „енергијата и заложбата за европскиот пат“, а во однос на Северна Македонија, и премиерот Христијан Мицкоски, таа порача дека Европската комисија останува поддржувач на Планот за раст и интеграција на регионот.

Еврокомесарката истакна дека реформите што се бараат се комплексни и бараат политичка храброст.

Станува збор за темелна трансформација која задира во закоравени интереси и структури на моќ. Лидерите се тие кои треба да ја предводат оваа промена.

подвлече Кос.

Во своето обраќање, таа изрази и сочувство за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа и беа повредени повеќе млади луѓе.

Во вакви тешки моменти, Европа покажува солидарност. Повредените беа згрижени во Шведска, Шпанија, Литванија, а први реагираа соседите – Србија, Грција и Бугарија.

додаде таа.

Средбата во Скопје е дел од поширокиот процес на спроведување на Планот за раст за Западен Балкан, кој треба да мобилизира преку 6 милијарди евра за економски развој, реформи и приближување до европскиот пазар.

Makedonski