Филипче: Целосна посветеност на евроинтеграциите, граѓаните заслужуваат европска иднина
Лидерот на СДСМ, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, порача дека неговата партија останува цврсто посветена на европскиот пат на Северна Македонија, оценувајќи дека евроинтеграциите се единствениот вистински пат за јакнење на институциите, економијата и перспективите на младите во државата.
Со влезот во ЕУ, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе се спроведе вистинска реформа на правниот систем, а младите ќе ја гледаат својата иднина тука – со повеќе можности од она што денес го имаат.
изјави лидерот на СДСМ.
Тој истакна дека средбата со еврокомесарката Кос била одлична и конструктивна, и ја искористил за да побара поддршка од Европската комисија и европските партнери за продолжување на процесот на интеграција.
Во разговорот, изразил жалење за, како што рече, очигледната стагнација во изминатата година, при што се отвораат веќе затворени прашања, недостасуваат стратегија и политички дијалог, а евроинтеграциите се оставени на маргините.
Ова не е време за калкулации и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое сите партии треба да дадат сѐ од себе за да се откочи евроинтегративниот процес и да започнеме со отворање на поглавјата од преговорите – затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас.
рече тој.
Средбата се одржа во рамки на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одвива во Скопје. Еврокомесарката Кос во своето обраќање порача дека постои јасен консензус во ЕУ за итно проширување и дека регионот на Западен Балкан е клучен за европското обединување.