Koстадинов не доби шанса за уште еден мандат, најави дека го замрзнува членството во СДСМ
Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што ѝ е местото, напиша градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов на својот профил на Фејсбук.
„Во изминатите 11 години, не изгубив ниту едни избори. Не затоа што бев најгласниот, туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене – работа, доследност и љубов кон градот. Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“, напиша Костадинов, кој додаде дека посакува СДСМ да победи во барем една општина во Македонија.
Реакцијата на струмичкиот градоначалник следува откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче презентираше имиња за кандидати за градоначалници на престојните локални избори. Во Струмица кандидат ќе биде Марјан Даскаловски, во Охрид – д-р Асен Шајн, во Дебрца кандидат ќе биде Љупчо Паунковски.