По „стоти“ пат во последниве 10 години стартува системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Табановце: Очекувано олеснување за патниците кон Србија
Скоро секоја Власт во Македонија потпишуваше „протоколи за соработка“ но никако вистински да профункционира „One Stop“ системот се со цел да се намалат гужвите и времетраењето на чекање особено на граничниот премин „Табановце“.
На граничниот премин Табановце, кој претставува една од најфреквентните транзитни точки кон Србија, денеска официјално стартува системот „One Stop Shop“ за заедничка контрола. Овој систем, кој подразбира спроведување на гранични проверки од двете држави на едно заедничко место, има за цел значително да го намали метежот, особено во летниот период кога илјадници патници од Србија и пошироко транзитираат кон Грција.
Од Владата на Република Северна Македонија информираат дека новиот модел на гранично управување е еден од клучните чекори за подобрување на регионалната соработка и олеснување на движењето на луѓето и стоките. „Очекуваме значително намалување на времето на чекање и побрз проток на сообраќај, што ќе има директен позитивен ефект врз патниците и економијата,“ велат од Владата.
Сличен модел веќе успешно функционира на граничните премини со Косово – „Блаце“ и „Јажинце“, а Табановце е првиот премин каде истиот ќе се имплементира во односите со Србија.
Во рамки на денешниот настан, најавено е обраќање на министрите за внатрешни работи на двете земји – Панче Тошковски од Северна Македонија и Ивица Дачиќ од Србија. Пред официјалното отворање, двајцата министри ќе потпишат и протоколи за заедничка соработка во областа на граничниот сообраќај. Потпишувањето ќе се одржи во Регионалниот центар на граничната полиција во Прешево.
Системот „One Stop Shop“ претставува дел од пошироките напори за европеизација на граничните процедури и интеграција на земјите од Западен Балкан во европските стандарди за безбедност и мобилност.