Ревизија на Основен суд Прилеп: Нема одделение за внатрешна ревизија и нема одредби за утврдување плати

5

Пописот на парите и обврските не е спроведен согласно одредбите од Правилникот за сметководството на буџетите и буџетските корисници. Со Правилникот за систематизација на работните места не е предвидено Одделение за внатрешна ревизија согласно критериумите за просечен годишен буџет/финансиски план во последните три години предвидени во законската регулатива

Ова го утврдиле ревизорите во извештајот за Основниот суд Прилеп. Како што се наведува, ревизијата е вршена во време кога претседатели на судот биле Зоран Стеваноски (од 03.10.2019 – 22.05.2023 година) и Јасмина Шишковска – Стојковиќ, вршител на должност претседател (од 22.05.2023 – 30.10.2023 година).

„Не се преземени активности за вршење на попис и усогласување на сметководствената со фактичката состојба на паричните средства и обврските по основа на судските депозити. Старосна структура на депозитите е 2014 до 2023 година, но не е утврден статусот на предметите по судските депозити завршени/незавршени, со цел преземање на понатамошни мерки за истите. Не е воспоставена сметководствена евиденција и нецелосни податоци во апликацијата АКМИС за одземените парични средства и скапоцености и други одземени предмети и не е извршен попис на истите. Не е обезбеден целосен увид во состојбата и движењето на средствата на секој депозит по одделни предмети, заради невоспоставена евиденција во дневник. Уплатени депозити за увиди на лице место со решение се исплатуваат на судија, записничар, возач и за гориво за службено возило, но не се донесени акти во кои е предвидено како се пресметува износот за гориво и трошоците за увид на лице место“, наведено е во извештајот.

Ревизорите утврдиле и отсуството на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи.

„Средствата кои се издвојуваат од Буџетот за 2023 година за финансирање на Судската власт не го достигнуваат законски утврдениот процент од 0.8% од БДП на Буџетот на Република Северна Македонија, односно одобрените средства претставуваат 0,3% од БДП. Има различни услови за пополнување на едно работно место во прописите по кои работат судовите, предизвикува дилеми и неможност за постапување. Не е пропишана формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити и неусогласеност во законската и подзаконската регулатива во дефинирањето на сопственоста на застарените депонирани предмети по истекот на десет години од нивното предавање“, се додава во извештајот.

Makedonski