Трамп вели дека не постигнал напредок со Путин околу војната во Украина
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин разговараа телефонски вчера, но не постигнале напредок во напорите за запирање на војната во Украина, пишува Гардијан.
Трамп изјави дека „не направил никаков напредок“ во разговорот, додека Кремљ соопшти дека Путин повторил дека Русија ќе продолжи да се залага за решавање на „основните причини“ на конфликтот. Набргу по завршувањето на разговорот, Русија изврши нов напад со дронови врз Киев, при што беа повредени 14 лица, а беа предизвикани и пожари во неколку делови од градот. Украинските воздушни сили соопштија дека во нападите биле оштетени станбени објекти и болнички установи во шест окрузи на Киев.
Од друга страна, Украина возврати со дронски напад во близина на Москва, во реонот Сергијев Посад, каде што беа регистрирани експлозии, повредено е едно лице, а делови од областа останаа без електрична енергија. Овој регион има големо верско значење за Руската православна црква.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека планира да разговара со Трамп за привремената пауза во испораката на дел од американското оружје за Украина, што доаѓа во време кога земјата се соочува со засилена руска летна офанзива и напади врз цивилни цели.
Воените загуби продолжуваат на двата фронта. Украина потврди загинување на искусен пилот на борбен авион Ф-16, што според армиските команданти укажува на високите ризици со кои се соочуваат украинските сили поради недостигот на нови противвоздушни системи. Русија, пак, соопшти дека го освоила селото Милове во регионот Харкив, отворајќи нов фронт на границата, и потврди дека е убиен висок помошник командант на руската морнарица, генерал-мајор Михаил Гудков, во украински ракетен напад.
Во Луханск, во источна Украина, под руска окупација, загина поранешен локален функционер во експлозија што локалните власти ја нарекоа „терористички напад“.
Паралелно со воените случувања, Украина и САД го подготвуваат првиот проект од Заедничкиот фонд за обнова на Украина, во кој американската компанија Techmet планира да инвестира во рудник за литиум во централна Украина. Владата во Киев очекува во следните 18 месеци да започнат три пилот-проекти поврзани со експлоатација на минерали и ретки земји.