Младите збунети – Мицкоски најавува можен данок за немажени и неженети во борба со демографската криза?!
Македонија се соочува со алармантна демографска криза – во последните четири години земјата изгубила над 33.000 жители, што е еквивалент на исчезнување на еден град со големина на Кавадарци или Кичево. Соочена со континуиран природен пад и масовно иселување, Владата најавува сериозни мерки за справување со негативните трендови – меѓу кои и воведување данок за лица кои не се во брак.
На дебата организирана во Владата на тема „Демографски трендови, предизвици и решенија“, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека „нема магично решение, но има намера, постојаност и државничка борба“.
Сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата.
рече Мицкоски.
Најавата за евентуален данок за немажени и неженети отвори широк простор за јавна дебата, при што дел од граѓаните и експертите веќе изразија загриженост за потенцијалната дискриминаторност и ефикасност на ваква мерка. Владата допрва ќе ги презентира деталите за можните решенија во борбата со демографската криза.
„Мора да изградиме држава каде надежта е поважна од пасошот, каде мајчинството е благослов, а не товар. Да се раѓаат повеќе деца, да има повеќе бракови и да ги вратиме оние кои заминале. Тоа е нашата мисија“, истакна тој.