Законот за верски училишта е противуставен, сметаат од Мрежата за заштита од дискриминација
Мрежата за заштита од дискриминација смета дека Предлог-законот за верски училишта е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата и за институционализација на верското образование во системот на формално образование. Од Мрежата остро реагираат сметајќи дека слободата на верските заедници да основаат верски училишта е загарантирана со Уставот, но овие училишта можат да бидат исклучиво од верски карактер, а не од редовен гимназиски, стручен или уметнички тип.
Дополнително, посочуваат дека Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група дозволува основање верски образовни установи од сите степени освен основното образование, исклучиво за школување на свештени лица и верски службеници. Овој закон претставува lex specialis и не може да биде дерогиран со нов закон. Оттаму, не може верските училишта да се третираат како редовни средни училишта со право за упис на секој факултет.
„Одлуката на Уставниот суд од мај 2024 година потврдува дека системот на верско образование мора да биде целосно одвоен од граѓанското образование и дека секој обид за нивно мешање претставува повреда на уставниот принцип на секуларност и одвоеност на државата и верата, се вели во соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација.
Законот за средно образование изречно забранува верско организирање и дејствување, организирање на верско образование, како и истакнување верски обележја во средните училишта. Законодавецот направил јасна разлика помеѓу редовни и специјализирани училишта, каде што вторите се наменети исклучиво за задоволување на внатрешни потреби на верските заедници.
„Предлог-законот не содржи механизми за надзор, санкции или контрола. Не е утврдено кој ќе биде надлежен за негово спроведување, кој ќе следи дали се почитуваат предвидените одредби и кој ќе изрекува мерки во случаи на прекршувања. Дополнително, се отвора можност верските училишта да добиваат средства од државниот буџет, додека контролата на трошењето да ја имаат самите верски заедници“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Посочуваат дека членот 4 од предлог-законот предвидува верските училишта сами да издаваат јавни исправи врз основа на свој статут, што е спротивно на постојните правила каде формата и содржината на свидетелствата се утврдени од Министерството за образование и наука. Прашањето за еквиваленција на таквите дипломи останува нерешено.
Законскиот текст се повикува на засебност и автономија на верските училишта, но паралелно бара нивно изедначување со државните училишта во однос на правата на учениците. Ваквиот пристап е контрадикторен и правно неизводлив.
Мрежата за заштита од дискриминација побара итно повлекување на Предлог-законот и повика Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност бидејќи ваков закон претставува сериозно отстапување од демократските и граѓански вредности и директна закана за правата на учениците и интегритетот на образовниот систем.