ЦУК: Четири активни пожари на отворено – високите температури го отежнуваат гаснењето

4

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека денеска на територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои четири сè уште се активни. Пожарите зафаќаат шуми, ниска вегетација и земјоделски површини, а дополнителен ризик претставуваат високите температури и сувото време.

Најсериозни се пожарите во Општина Прилеп, кај селото Бешиште, каде гори квалитетна мешана шума, и во Општина Македонски Брод, село Црешнево, каде е зафатена деградирана дабова шума и грмушки. Активни пожари се бележат и во Општина Чашка, под Солунска Глава – помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, како и во Велес, каде гори пожар во ниска вегетација.

ЦУК информира и дека успешно се изгаснати четири пожари:
– Во селото Врановци, каде што гореле ниска вегетација и ѓубриште,
– Во селото Лојане – пожар во стрниште и ниска вегетација,
– Во Радање – опожарена била површина со жито и ниска вегетација,
– И во Орланци – каде што биле зафатени ниска вегетација и отпад.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), екстремно високите температури ќе продолжат и во следните денови, со дневни вредности над 30 степени, а на некои места и над 40. Во недела попладне се очекува локална нестабилност со дожд и грмежи, додека во среда и четврток се предвидува засилен северен ветер, кој ќе донесе освежување и намалување на температурите.

ЦУК апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни при престој во природа, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожар и секој забележан пожар веднаш да го пријават на бесплатниот број 112.

Makedonski