Евакуација на Собранието на Косово по дојава за бомба – седницата продолжува вечерва
Собраниската зграда во Приштина денеска беше итно евакуирана поради дојава за поставена експлозивна направа, непосредно пред почетокот на 42-то продолжение на конститутивната седница. Како што информира косовската полиција, заканата е примена преку СМС порака во утринските часови, по што веднаш биле активирани сите безбедносни протоколи.
Денес, на 5 јули, во утринските часови, примена е информација преку СМС за закана со експлозивна направа во државната зграда на Собранието. По добивањето на информацијата, ангажирани се надлежните полициски единици, кои првично воспоставија безбедносен периметар и ги евакуираа луѓето од зградите.
изјави портпаролот на косовската полиција, Баки Келани, за „Клан Косово“.
На теренот се присутни засилени полициски сили, специјални единици и тимови за деминирање, вклучително и кучиња трагачи кои го пребаруваат периметарот околу зградата и паркираните возила. Според изјавите на пратеници и претставници од Собранието, евакуацијата е извршена навреме и без паника.
Поранешниот претседател на Собранието, Гљаук Коњуфца, потврди дека институцијата добила директна закана по телефон, а Собранието официјално соопшти дека евакуацијата е спроведена по анонимна дојава за бомба.
Денешната седница имаше за цел повторно да се избере претседател на законодавниот дом, откако сите досегашни обиди завршија без успех. И покрај тоа што поминаа пет месеци од одржувањето на парламентарните избори, Косово сè уште нема ново раководство на парламентот.
Од канцеларијата на Собранието информираа дека работата ќе продолжи вечерва од 20:00 часот, откако ќе се завршат сите безбедносни проверки и ќе се добие дозвола од надлежните служби.
Истрагата околу потеклото и веродостојноста на заканата е во тек.