Од МОБ за народот – концертна изведба на музичките дела на Јохан Штраус

27

По повод 200 години од раѓањето на Јохан Штраус, Македонската опера и балет синоќа организираше концерт на отворено, на плоштадот „Мајка Тереза“.

На концертот настапи оркестарот на МОБ кој изведуваше музички креации од Јохан Штраус, а диригираше австрискиот диригент маестро Винценц Праксмарер.

И сето ова ќе беше едно од поубавите доживувања од почетокот на летото во Скопје ако на дело не се отслика типичната себичност на организаторите кои неколку денови пред почетокот на настанот маркетиншки одлично го „изиграа“ народот кој пак е жеден за култура. Знаете, да се собере бројка од илјада и кусур луѓе на скопската жештина кои се дојдени да искусат дел од светската музичка култура е доволен показател дека луѓето бараат повеќе вакви културни „откровенија“.

Имено, една недела пред настанот по социјалните мрежи кружеше известувањето како и „задолжителното“ пријавување на имеил адресата на МОБ, која пак на бројните негодувања и збунети прашања од луѓето се правдаше дека тој „услов“ е само поради „подобра организација“. Синоќа околу 20:30 за кога и известуваа скоро секој изминат ден на меил дека треба да се биде присутен барем пола час пред почетокот на настанот, присутните гости беа вчудоневидени од себичноста на организаторот. Четири реда столчиња оградени со железна ограда и бришан простор за „останатите“. Првично луѓето кои пристигнаа тоа време мислеа дека врз база на „пријавувањето“ преку мејлинг листата ќе има место за секој кој го испочитувал тој услов за присуство на настанот. Но, за кратко им се удри во глава кога на импровизираните „влезови“ околу оградата се појавија неколку души кои бараа специјални пропусници или покани кои најверојатно биле давани на рака. Тука веќе беше јасно дека народот е изигран и дека некој ќе „ужива“ седејќи на удобните столчиња, а другите ќе мора претходно да тренираат стоечки до од еден до два часа.

Да бидеме на чисто, бидејќи како „специјални“ гости беа присутни владиниот и дипломатскиот кор за кој, да речеме дека во тој сегмент мора да постои одреден протокол но на тие столчиња седеа и луѓе кои биле „поканети“ со „специјалните пропусници“ за кои немаше ниту инфо ниту беа спомнати како дел од целиот настан.

Во разговор со некои од присутните се дојде до заклучок дека доколку имаше опција да се купат билети по било која цена 90% од присутните луѓе би ги купиле и би добиле целосно уживање во звуците на Штраусовите музички достигнувања, а вака испаѓа дека народот беше изигран особено со „задолжителното пријавување“ кое влеваше надеж дека ако ништо друго барем нема да мора да стојат на нозе цели час и половина на 30 степени.

Ајде, друг пат подобра организација, христијански е да се простува но да не ви прејде во навика бидејќи ионака културно назадуваме па покрај сите други институции да се изгуби довербата и во културните.

Makedonski