Пред два месеци заврши тендерот за инсулин, а уште немаме терапија, реагираат дијабетичарите
Тендерот за набвака на инсулинска терапија е завршен и договорите се потпишани пред речиси два месеци. Во овој момент немаме достапни количини за ново поставени пациенти на современата антидијабетична терапија. Се чуствуваме целосно излажани и изиргани, реагираат од Сојузот на здруженија на дијабетчари во Македонија, кои доцна синоќа испратија писмо до медиумите.
„Количините на инсулинските производи по инсулинсиките аптеки се сведени на минимум и со тоа не се обезбедуваат предуслови да се задоволат потребите на постоечките пациенти. Кога сме кај постоечките пациенти, од некој од докторите ендокринолози кои работат во центрите за дијабетес, до нас, како сојуз, стасаа информации дека комисијата за дијабетес ќе почне да прави ревизија на постоечката терапија. Им било наведено дека на сите постоечки пациенти со современа терапија, истата ќе им биде ревидирана. Дали оваа ревизија значи дека ако комисијата одлучи дека некој пациент не треба да биде повеќе на терапија што му ја одредил неговиот матичен ендокринолог ќе биде сменет, односно префрлен на друга терапија?, прашуваат во Сојузот.
Оттаму се револтирани и поради тоа што критериумите за избор на ленти, ланцети, глукометри и сензори се сведуваат на најниска понудена цена.
„За ниту една друга болест за ниту една друга терапија не постои комисија која е влезена во закон (овде ги исклучуваме ретките болести) и на ваков начин ние како пациенти сме обесправени во однос на сите други пациенти, се прашувате зошто? Затоа што прво треба да бидеме прегледани од нашите матични ендокринолози па потоа да одиме на преглед кај комисијата / или да чекаме комисијата да ни ја евалуира документацијата за одредени современа терапија. На ваков начин ние се чуствуваме како пациенти/граѓани од втор ред. Министеру за здравство, апелираме на разбирање и свесност од ваша страна за да не бидеме ставени како потенцијални заложници на нечии лични амбици и лични убедувања. Никој од нас 40.000 илјади пациенти не е поставен на терапија ако немало медицинска потреба за истата и ниту една терапија не е препишана од доктор кој не е обучен да ја дава терапијата што ни е потребна. Итно бараме промена на законските ингеренции на националната комисија за дијабетес затоа што моменталните се поставени над нашиот систем за здравствена заштита и се во директна колизија со стручните момпетенции на лекарите кои веќе се овластени да препишуваат терапија која ни е потребна на нас пациентите со дијабетес, а кои не се членови на комисијата“, наведено е во писмото од дијабетичарите.
Оттаму итно бараат новите количини од современата терапија да бидат испорачани до инсулиниските аптеки, а системот да биде одблокиран за да се иницираат нови пациенти.
„Итно бараме распишување на тендерот за глукометри, ленти, ланцети и сензори согласно критериумите кои ќе бидат прифатливи од нас пациентите. Апелираме и спремни сме за ревизија, но да се направи ревизија на 2015, 2014 година, кога исто така комисијата за дијабетес во тоа време, замислете со ист член кој сега е претседател, даде амин за паралелен увоз, даваше инструкции за административно префрлување на пациенти од една на друга терапија и придонесуваше да се влоши здравјето на нашите пациенти и ние тоа како пациенти не можеме да го заборавиме“, се вели во реакцијата.
Ако овој апел не се земе предвид од надлежното министерство, Сојузот на здруженија на дијабетичари ќе организира апротест пред Министерсво за здравство и пред Владата.
„Повеќе нема да прифатиме само ние пациентите со дијабетес да бидеме третирани како пациенти на кои се троши најмногу пари, како пациенти на кои треба да им се скратат веќе стекнатите права, како пациенти кои биле лечени од некои нестручни лекари па сега нашата терапија треба да биде ревидирана од комисија, како пациенти на кои треба да им се дадат најефитините глукометри. Не профаќаме некој да не стави во позиција да бидеме граѓани од втор ред“, се додава во писмото.