Уште денеска со температури до 41 степен, од утре следува освежување
Македонија уште денеска е под силно влијание на топла воздушна маса од југ, со температури кои ќе се искачуваат и до 41 степен Целзиусов, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена локална облачност, а во попладневните часови се очекува изолирана нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Ќе дува умерен до засилен југозападен ветер, особено во западните и јужните делови на земјата, со удари кои можат да надминат и 60 km/h.
Во Скопје, жителите ќе се соочат со слични услови – сончево и топло време со умерен ветер, а максималната температура ќе се искачи до 41 степен, додека минималната ќе се спушти до 18 степени.
Според синоптичарите, од среда се очекува продор на посвежа воздушна маса од север, проследен со засилен северен ветер, што ќе донесе значително опаѓање на температурите за 8 до 10 степени.
Во среда, претежно во северните делови од земјата ќе има услови за повремен дожд, додека во петок повторно ќе се јави локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Викендот ќе донесе стабилно и сончево време со умерена облачност, а температурите повторно ќе бидат во благ пораст.
Поради високите температури и засилениот ветер, градските и здравствените власти апелираат до граѓаните да се воздржат од подолг престој на отворено во најтоплиот дел од денот (од 11 до 17 часот), да се пијат повеќе течности, и да се избегнува физички напор.