Успешно одржана планинската вело тура „Вевчанска Голина – Локва 2025“

6

Вевчани повторно беше центар на авантуристичкиот и спортски дух, откако во неделата (6 јули) се одржа традиционалната планинска вело тура „Вевчанска Голина – Локва 2025“, организирана од Еко-свест Вевчани и велосипедскиот клуб Рупикапра МТБ Струга.

Настанот годинава привлече над 140 учесници од цела Македонија, кои со своите велосипеди ја поминаа 30-километарската рута низ живописните предели на планината Јабланица, совладувајќи вкупна елевација од околу 1100 метри.

Турата започна во 09:00 часот од центарот на Вевчани, водеше низ Споменикот на природата Вевчански Извори, Јанков Камен, манастирот „Св. Климент“ и селото Горна Белица, а заврши на живописниот видиковец Вевчанска Голина. Најистрајните учесници продолжија со пешачење до глацијалното езеро Вевчанска Локва, сместено на надморска височина од 1960 метри.

Организаторите нагласуваат дека овој настан има за цел промоција на природните вредности на Јабланица, како и поттикнување на одржлив планински туризам во рамките на Споменикот на природата Вевчански Извори и планираното заштитено подрачје Јабланица.

Со својата одлична организација, масовност и уникатна атмосфера, вело турата веќе се етаблира како еден од најпривлечните летни настани за љубителите на природата и спортот во земјава.

Од Еко-свест и Рупикапра МТБ упатија благодарност до сите учесници, волонтери, институции и поддржувачи кои помогнаа за успешна реализација на настанот.

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори“, спроведуван од Еко-свест и финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

Makedonski