Повеќе пожари истовремено горат на територијата на општината Куманово
Општина Куманово денеска околу пладне се соочува со сериозна пожарна криза, откако избувнаа повеќе пожари на различни локации, кои поради силниот ветер брзо се шират и претставуваат закана за домовите и населението.
Според командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Деан Илиевски, активни пожари има во селата Четирце, Табановце, Романовце, Горно Којнаре, во реонот Палестина, на улицата „Ѓуро Пуцар Стари“, како и во селото Младо Нагоричани, во близина на Етно село и во населбата „Перо Чичо“.
Нашите екипи се на терен и даваме сѐ од себе за да го ставиме под контрола огнот, но постојано пристигаат пријави за нови пожари. Две возила испративме во Младо Нагоричани затоа што пожарот се доближи до куќите. Ги повикавме колегите од дома за да се организираме подобро и да ги покриеме сите точки.
изјави Илиевски.
Тој упати апел до месното население да се вклучи во заштитата од огнената стихија, бидејќи ситуацијата станува сѐ покритична со секој изминат час.
Силниот ветер го разгорува огнот и мора да се реагира побрзо и координирано.
додаде Илиевски.
Од теренот пристигнуваат информации дека градот е обвиткан со густ дим, а граѓаните изразуваат загриженост за својата безбедност и за потенцијалното ширење на пожарите во урбаните делови на Куманово.
Надлежните институции апелираат за максимална претпазливост и следење на сите препораки, додека пожарникарските екипи и волонтерите продолжуваат со битката против огнената закана.
Во исто време ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово известува и за паднато дрво во Соколанскиот парк, поради ветерот кој дува во моментов.
Нема повредени но настаната е материјална штета, а постои опасност и од паѓање на други дрва околу па затоа претпријатието апелира да се избегнува движење низ парковите и зелените површини додека трае ова нестабилно време со засилен ветер.