ИЈЗ: На одмор јадете тазе зготвена храна и спречете убоди од инсекти
Институтот за јавно здравје објави препораки за заштита од заболувања при патување. Во нив е наведено дека, ако патниците спаѓаат во групата на лица кои имаат хронични заболувања (заболувања на органите за дишење, срцето, црниот дроб, бубрежни заболувања, дијабет, намален имунитет од било кое заболување), треба да побараат совет од матичен лекар или специјалист, кој ќе го процени ризикот од патувањето.
„За време на патувањето конзумирајте безбедна храна и вода за пиење. Јадете само храна која е добро зготвена и се служи веднаш (топла).Јадете овошје и зеленчук што сте го измиле со безбедна вода или сами сте го излупиле, пијте вода или газирани пијалаци кои се флаширани и запечатени или многу топло кафе или чај. Користете мраз направен од флаширана или дезинфицирана вода. Мијте ги рацете често и долго со сапун и вода. Контаминирана храна или пијалоци може да предизвикаат дијареа и други цревни заболувања. Патничката дијареа е најчестата болест поврзана со патувањето“, предупредуваат оттаму.
Во препораките е наведено и дека треба да се спречат убоди од инсекти.
„Користењето на репеленти може да ве заштити од сериозни болести што се шират преку каснувања од комарци, како што се Западно-Нилска треска, Зика, денга, чикунгуња, жолта треска и маларија. Ако патувате во планински предели, престојувате во шуми или тревнати површини, заштитете се од убоди од крлежи кои може да пренесат сериозни заболувања: хеморагични трески, лајмска треска итн. · Користете репеленти со една од следните активни состојки: DEET, picaridin, IR3535, масло од лимонски еукалиптус, пара-ментан-диол или 2-ундеканон. · Прво нанесувајте крем за сончање, а потоа репелент. Следете ги упатствата на етикетата. На следните линкови превземете флаер со информации за Практични совети за заштита од убоди од комарци кај патници, како и од крлежи“, велат во ИЈЗ.