Охридскиот регион доби уште една шанса – УНЕСКО го одложи впишувањето на листата на загрозено светско наследство

3

Охридскиот регион доби трет спас од УНЕСКО. Комитетот за светско наследство при УНЕСКО, на седница што се одржа денеска во Париз, ја одложи одлуката за впишување на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност, давајќи ѝ на Македонија уште една година да ги исполни неопходните обврски и да спречи натамошна деградација на ова заштитено подрачје.

Со оваа одлука, Владата и локалните власти добија дополнително време до 1 февруари 2026 година да поднесат детален извештај за преземените мерки врз основа на препораките содржани во извештаите од Реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО. Претходно, Владата задолжи членовите на македонската делегација во Париз да поднесат заеднички амандман за повлекување на нацрт-одлуката со која се предлагаше ставање на регионот на листата на загрозени богатства.

Во нацрт-одлуката се нотираше дека урбаната експанзија, недостатоците во просторното планирање, несоодветните градежни интервенции, еутрофикацијата на езерото, како и инфраструктурните проекти, довеле до сериозно нарушување на вредностите поради кои регионот беше прогласен за светско природно и културно наследство.

Ова е трет пат УНЕСКО да и даде шанса на Македонија да го заштити Охридскиот регион. И покрај сериозните укажувања, неконтролираното урбанизирање, дивоградбите и недоволната грижа за езерото и околината и понатаму го загрозуваат статусот на заштитено подрачје.

Дополнителен притисок на Комитетот извршија 39 домашни и меѓународни организации, заедно со европска мрежа од 15 членки, кои во пресрет на седницата испратија отворено писмо до УНЕСКО, повикувајќи да се усвои предлогот за впишување на Охрид на листата на загрозени подрачја.

Сега останува да се види дали властите ќе ја искористат третата – и веројатно последна – шанса за вистинска и системска заштита на Охрид и неговите природни и културни богатства.

Makedonski