Хрватска повторно воведува задолжителен воен рок од 2026 година
Владата на Хрватска го финализираше предлогот за повторно воведување на задолжителен воен рок и веќе го испрати до Парламентот на разгледување и усвојување. Според предлог-законот, мерката ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година, а главната причина за нејзиното воведување е променетата безбедносна состојба во Европа.
Со оваа одлука, хрватските власти имаат за цел зголемување на резервниот состав и јакнење на одбранбените капацитети на земјата. Воениот рок ќе биде задолжителен за сите машки државјани кои наполниле 18 години, и ќе трае три месеци.
За оние кои поради приговор на совест одбиваат да служат во војска, ќе биде обезбедена алтернативна – цивилна служба, но со двојно подолг рок – шест месеци.
Предлогот се очекува наскоро да биде усвоен во Парламентот, со оглед на поддршката што веќе ја има од страна на владејачката коалиција.