Ангелов: Полицијата патролира – пожарите се гасат со координација, не според социјалните мрежи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, на прес-конференција информираше за тековната состојба со пожарите во земјава. Тој истакна дека униформирани полицајци и лица во цивилка патролираат во ризичните подрачја, додека вработените во државната администрација и шумската полиција се ангажирани во превентивни акции.
Ангелов ги коментираше и содржините на социјалните мрежи:
Социјалните мрежи не ја отсликуваат реалната состојба. Пожарите ги гаси државата со поддршка од граѓаните. Граѓаните ги одбранија своите куќи, но во планините интервенираат институциите.
Тој нагласи дека вчера биле изгаснати 66 пожари, а специјалните возила, вклучително и оклопните, се покажале како многу корисни.
Перцепцијата дека граѓаните се оставени сами на себе не е точна. Има координирана акција – Владата, кризниот штаб, локалните власти, сите се вклучени. Но, граѓаните мора да помогнат – не се гасат пожари во влечки и гаќи.
Ангелов повика на превенција и чистење на дворовите, особено во крајните делови на селата, и увери дека селото Чучер Сандево во ниту еден момент не било загрозено.
Полицијата веќе спроведува акции поврзани со спречување на нови подметнувања на пожари
Во рамки на засилените активности поради пожарите во скопскиот регион, вчера во 23:40 часот полицијата приведе три малолетни странски државјани во близина на Ајватовски рид, кај населбата Илинден.
При преглед во нивниот ранец биле пронајдени:
-
две шишиња со по 1,5 литри бензин,
-
две петарди,
-
запалка,
-
и течен лепак.
Сите тројца се лишени од слобода, а полицијата продолжува со истрагата за да се утврдат околностите и евентуалната поврзаност со намерно поттикнување пожари.