ЕУ и Мексико остро реагираат на најавените увозни царини на Трамп од 30 отсто

4

Европската унија и Мексико изразија длабоко разочарување поради заканата од претседателот на САД, Доналд Трамп, дека од 1 август ќе воведе 30 отсто царини на нивниот извоз во САД. Двете страни најавија дека се подготвени да одговорат со пропорционални контрамерки, но воедно порачаа дека се подготвени да продолжат со преговорите со Вашингтон, пишува Би-Би-Си.

Мексико ја смета најавата за „нефер договор“, а претседателката Клаудија Шеинбаум нагласи дека „за суверенитетот на земјата не се преговара“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека Брисел ќе ги преземе сите потребни чекори за заштита на интересите на ЕУ, вклучително и усвојување на пропорционални мерки, доколку тоа биде потребно.

Трамп предупреди дека доколку кој било трговски партнер возврати со свои церини, тој ќе воведе дополнителни увозни давачки над најавените 30 отсто. Во претходно снимено интервју за Фокс њуз, емитувано во саботата вечер, Трамп изјави дека некои држави се „многу вознемирени“ од заканите, но тврди дека царините носат „стотици милијарди долари“ во американската економија.

Оваа недела, Трамп најави нови царини и за производи од Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Бразил. До сега, администрацијата на Трамп предложи царински мерки за 24 држави и ЕУ.

Во писмото до фон дер Лајен, Трамп напиша: „Имавме години за да го дискутираме трговскиот однос со ЕУ и заклучивме дека мора да се отстраниме од овие долгорочни и постојани трговски дефицити, предизвикани од вашите царини, нецарински мерки и трговски бариери“. Тој додаде дека односот со ЕУ бил „далеку од реципрочен“.

Фон дер Лајен изјави дека Унијата останува подготвена да работи на договор до 1 август. „Ќе ги преземеме сите потребни чекори за да ги заштитиме интересите на ЕУ, вклучително и пропорционални контрамерки ако биде потребно“, рече таа. „Малку економии во светот можат да се споредат со отвореноста на ЕУ и придржувањето до фер трговски практики“, додаде фон дер Лајен.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „со најсилно несогласување“ ја отфрла најавата на Трамп. Тој предложи ЕУ да ја забрза подготовката на кредибилни контрамерки ако нема напредок во разговорите.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони се надева на „фер договор“ и оцени дека „нема смисла да се предизвикува трговска војна меѓу двете страни на Атлантикот“. Холандскиот премиер Дик Схооф изјави дека ЕУ „мора да остане обединета и решителна“ во обидот да постигне „взаемно корисен“ договор со САД.

Бернд Ланге, претседател на Комисијата за трговија во Европскиот парламент, оцени дека потегот на Трамп е „шлаканица за преговорите“. Тој порача дека „ова не е начин како се третира клучен трговски партнер“ и повика Брисел да усвои контрамерки уште во понеделник.

Германската асоцијација на автомобилската индустрија предупреди дека зголемените трошоци ќе имаат негативно влијание врз производителите и добавувачите од Германија и оцени дека е „жалосно што повторно се заканува ескалација на трговскиот конфликт“.

Во писмото до мексиканската претседателка Шеинбаум, Трамп ја обвини земјата дека не направила доволно за да спречи Северна Америка да стане „игралиште за нарко-трафикинг“. „Мексико ми помага да ја обезбедам границата, НО, тоа што го прави не е доволно“, напиша тој.

Шеинбаум останува оптимист дека ќе се постигне договор: „Сметаме, врз основа на вчерашните разговори со американските колеги, дека ќе дојдеме до договор и дека ќе добиеме подобри услови“. Таа додаде: „Јасно ни е што може да се преговара со САД, и што не може. А една работа никогаш не се преговара – суверенитетот на нашата држава“.

Мексиканските министерства за економија и надворешни работи во заедничко соопштение ја оценија најавата на Трамп како „нефер договор“.

Сè уште не е прецизирано дали производите што се тргуваат во рамки на Спогодбата САД-Мексико-Канада од 2020 година ќе бидат изземени од новите царини, иако Белата куќа потврди дека за Канада ќе има изземање.

Во саботата, Трамп испрати и писмо до Канада со закана за царини од 35 отсто. Според советникот за трговија во Белата куќа, Питер Наваро, целта на администрацијата била да склучи „90 договори за 90 дена“. До сега, објавени се само контурите на два договори, со Обединетото Кралство и Виетнам. Преговорите со другите партнери продолжуваат.

Засега не е познато дали Македонија ќе добие писмо со нови царински стапки за извозот во САД и покрај тоа што од почетокот на јули владата ги укина увозните давачки за сите производи од САД.

На 2 април за Македонија, неочекувано за јавноста, беа најавени вкупни царини од 33 отсто. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека станува збор за „грешка или погрешна информација“. Потоа, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Вашингтон се сретна со државниот секретар Марко Рубио, а Владата објави укинување на давачките за американски производи од 1 јули. Иако тоа може да се толкува како позитивен чекор, останува неизвесно дали Вашингтон ќе ги зголеми царините за македонските производи.

Трамп воведува високи царини за Србија и БиХ од 1 август, неизвесно дали и Македонија ќе добие писмо

Makedonski