Топлотни бранови и екстремни температури, нè чека уште едно долго, топло и сушно лето

5

Екстремни температури со дури два топлотни брана, на почетокот и на крајот на месецот, го одбележаа јуни годинава. Трет топлотен бран имаше уште на почетокот на јули. Според мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици на Управата за хидрометеоролошки работи, минатиот месец се категоризира како екстремно топол на целата територија на земјата и многу сушен месец со исклучок на југозападниот и источниот регион каде врнежите беа околу просечните вредности. Највисоката дневна температура во јуни годинава е измерена во Валандово, 42.4 степени Целзиусови и е меѓу највисоките температури на воздухот измерени во текот на овој месец во последните четири години. Валандово и лани во јуни бил најтоплиот град во земјава со измерена највисока температура од 41.9 степени. Во 2023 година во јуни најтоплиот ден бил во Градско 35.7 степени, во 2022 година повторно во Валандово 38.7, а во 2021 година во Гевгелија е измерена највисоката температура за јуни за изминатите четири години од 42.5 степени.

Овој јуни беше најава дека нè очекува уште едно врело и сушно лето, и потсетување дека климатските промени го наплатуваат данокот на негрижата за планетата и природата. Европскиот континент во 2024 година го имал најтоплото лето во историјата, а периодот од јуни до август бил најтопол досега на глобално ниво, со температури за 0.7 степени Целзиусови над просекот од 1991 до 2020 година.

Слично е и во земјава, јуни минатата година е најтопол месец во однос на долгогодишните мерења, летото во 2024 година, најтоплото досега. Анализите на УХМР за годинава покажуваат дека со голема веројатност се очекува и ова лето да биде значително потопло и посушно од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите може да достигне и до 3°C речиси на целата територија, а највисоките температури и најниските врнежи се очекуваат овој месец.

„Според истражувањата на Секторот за метеорологија во УХМР и во земјава во последните 20 години средните температури се континуирано повисоки од многугодишниот просек. Последниот триесетгодишен анализиран период покажува дека просечната годишна температура е повисока на целата територија, од 0,7 °С до 1,4°С. Најтопол регион секако е Југоисточниот. Екстремните максимални температури речиси на цела територија се измерни за време на топлотниот бран во јули 2007 година кога во Демир Капија биле измерени рекордни 45,7°C, што е највисоката измерена максимална температура од почетокот на метеоролошките мерења. Што се однесува за годинава, првата декада во јуни ги најави сигналите на екстремно топлите денови со кои треба да се избориме ова лето. Продор на топлотен бран беше регистриран и на почетокот на јуни, но и на крајот на месецот“, вели Александра Стевков, раководителка на Одделението  за климатологија и климатски промени од Управата за хидрометеоролошки работи.

И климатските сценарија за следните години и декади не се оптимистички, како глобално, така и за нашата земја. Влијанијата на климатските промени ќе допринесуваат за понатамошен раст на температурите и уште поголеми опасности од суши и генерално промени на климата.

Од УХМР велат дека Македонија во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, а амплитудата на промената првенствено ќе биде поврзана со идните концентрации на стакленичките гасови. Ова особено ќе биде забележливо во летниот период, кога се очекува зголемувањето на дневната максимална температура за крајот на векот да изнесува и над 5°C за целата земја. Се очекува да се зголеми и бројот на топлотни бранови, но и нивното траење. И состојбата со сушите ќе се влошува и интензивира, а бројот на последователни сушни денови ќе расте, дури и до 20 дена и во случаите на најповолното сценарио за климатски промени.

„Се очекува зголемувањето на температурата на воздухот да продолжи, а амплитудата на зголемувањето на крајот на овој век, пред сè ќе зависи од идните емисии на стакленички гасови. Во блиска иднина, до 2035 година очекуваното покачување на температурата на воздухот изнесува околу еден степен, а до крајот на векот зголемувањето на годишната средна температура кај ниското сценарио ќе изнесува 1.5°C, а кај средното и високото сценарио ќе биде 2.5°C, односно 5°C“, посочуваат од УХМР.

Makedonski