Вучиќ на англиски jазик им изрази сочувство на семејствата на убиените во Сребреница
На 30 годишнината од ужасниот злостор во Сребреница, извршен од српските сили во Босна и Херцеговина во јули 1995 година, српскиот претседател Александар Вучиќ го изрази своето сочувство до семејствата на жртвите.
Вучиќ го објави соопштението на својот X профил, каде што обично пишува на српски јазик, освен кога се обраќа на некој што не може да го разбере – па дури и тогаш понекогаш на два јазика. Сепак, сега тој одлучи да зборува на англиски јазик.
„Денес се навршуваат триесет години од ужасниот злостор во Сребреница. Не можеме да го промениме минатото, но мора да ја промениме иднината. Уште еднаш, во име на граѓаните на Србија, изразувам сочувство до семејствата на бошњачките жртви, убеден дека сличен злостор никогаш повеќе нема да се случи“, напиша Вучиќ.
Во меѓувреме и претседателот на СДСМ, Венко Филипче упати порака по повод 30 години од геноцидот во Сребреница, во која оддаде почит на жртвите и истакна дека ова злосторство засекогаш ќе остане опомена за светот.
„Во јули 1995 година, над 8.000 невини луѓе беа убиени во еден од најголемите геноциди во историјата на Европа по Втората светска војна. Ова злосторство против човештвото не само што го потресе светот, туку ги разниша и темелите на човечкото достоинство. Геноцидот во Сребреница ќе остане врежан во сеќавањето како еден од најтемните моменти во историјата, потсетник на ужасите на војната и опасноста од екстремниот национализам кој слободниот и демократски свет засекогаш ќе го осудува“, вели Филипче.