Трамп до Зеленски: Зошто не удрите по Москва? — „Можеме, ако ни дадете оружје“
Американскиот претседател Доналд Трамп го прашал украинскиот претседател Володимир Зеленски зошто Украина не го нападнала Москва, пренесува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори блиски до Белата куќа. Одговорот на Зеленски бил јасен: „Можеме, ако ни дадете оружје.“
Разговорот се случил во контекст на новата геополитичка стратегија на САД, со која Трамп настојува да изврши зголемен притисок врз Русија и да го засили притисокот за мировни преговори. Според информациите, Трамп ѝ дал рок на Русија од 50 дена за постигнување мировен договор. Доколку тоа не се случи, ќе следат строги санкции, меѓу кои и 100% царини за земјите што купуваат руска нафта.
На состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп најавил и амбициозен оркужен пакет вреден 10 милијарди долари, кој ќе се спроведе преку европските сојузници. Планот предвидува САД да обезбедат оружје на земјите-членки на НАТО, кои потоа ќе го пренесат во Украина. На овој начин, Вашингтон индиректно ја зајакнува поддршката на Киев, без формално да се вклучи во конфликтот.
Пакетот ќе вклучува системи за противвоздушна одбрана, долгорочни ракети, муниција и дронови. Трамп, според Axios, очекува ваквиот пристап да резултира со притисок врз Кремљ за седнување на преговарачка маса, а Украина да добие појасна позиција на бојното поле.
Новата стратегија на Трамп е оценета како „ескалација за деескалација“, односно зголемување на воениот и економскиот притисок со цел побрзо завршување на војната.
Иако од Кремљ засега нема официјален одговор, аналитичарите предупредуваат дека ваквиот потег може да предизвика реакција од Москва и дополнително да ја усложни безбедносната состојба во регионот.