Радев вели дека Бугарија не ја блокира Македонија на патот кон членство во ЕУ, туку земјата се блокира себеси
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во заедничка изјава со својот бугарски колега Румен Радев изјави дека е дрска навреда кон земји како Црна Гора и Македонија да се каже дека Украина е најблиску до членство во Европската унија, a за спорот меѓу Софија и Скопјe изјави дека е нивно внатрешно прашање.
„Ми се чини сè поверојатно дека цинизмот и грубоста на одредени европски структури се незапирливи. Овие луѓе се чини дека се опседнати со Украина како ова да е нивниот начин да останат на власт. Украина е земја во војна без јасно дефинирана територија, која не е во можност да се финансира сама. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Македонија е дрска навреда за тие земји. Тоа е неправедно и нехумано, ние ја уништуваме таа земја“, рече Милановиќ во Пантовчак.
Радев верува дека „не би бил добар сигнал за земјите од Западен Балкан ако на Украина ѝ се даде приоритет поради геополитички околности, без да ги исполни критериумите и реформите потребни за членство“.
Тој го мисли истото за Македонија и негира дека Софија го блокира влезот во блокот.
„Бугарија не ја блокира Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ. Земјата се блокира себеси затоа што не сака да ги исполни Копенхашките критериуми за членство“, рече Радев, особено оние што се однесуваат на дискриминацијата и човековите права.
Бугарскиот претседател рече дека Софија чека три години од Скопје да „усвои еден услов“, а тоа е вклучување на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија. Радев изјави дека неговата земја му пристапува на својот сосед „со добра волја“.
„Немаме никакви дополнителни услови освен оние за кои е договорено. Сакаме да го исполниме она што е договорено“, рече Радев кој е во дводневна официјална посета на Хрватска.