Историска пресуда: Првпат затворска казна за убиство на животно во Македонија
Основниот кривичен суд во Скопје денеска донесе пресуда од историска важност — по првпат во македонската правосудна историја, едно лице е осудено на затвор за убиство на животно.
Љубе Крстевски доби три месеци ефективна затворска казна за свирепото убиство на кучето Феликс, а неговиот соизвршител Бранко Билбиловски е осуден на парична казна од 100 дневни глоби.
Инцидентот се случил на 19 ноември 2024 година. Според обвинителниот акт, Крстевски го нападнал кучето со тврд предмет налик на стап, нанесувајќи му сериозни повреди — вклучувајќи потрес на мозокот и хематоми. Потоа, заедно со Билбиловски, го врзале животното со жица, го влечеле до контејнер и го фрлиле, убедени дека е мртво. Кучето Феликс сепак преживеало уште неколку недели, но починало на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста. Бројни граѓани и здруженија за заштита на животните бараа строги казни за сторителите и системска промена во третманот на насилството врз животни.
Од здруженијата ја поздравија одлуката на судот, но нагласија дека ова мора да биде само почеток на поригорозен и доследен пристап.
„Правдата за Феликс е прв чекор. Но вистинската правда ќе дојде кога секој чин на насилство врз животно ќе биде казнет соодветно и без одлагање.
се вели во заедничката изјава на неколку активистички организации.
Оваа пресуда е значаен сигнал дека институциите почнуваат да го сфаќаат сериозно насилството врз животни, и може да отвори пат за подлабоки законски и судски реформи во оваа област.