Владика Петар со нова забрана: Свештениците од Преспанско-пелагониската епархија нема да смеат да користат социјални мрежи

10

Митрополитот Преспанско-пелагониски, г. Петар, денеска издаде наредба со која строго им забранува на сите свештени лица од неговата епархија да користат социјални мрежи како Facebook, Instagram, Х (поранешен Twitter) и слични платформи. Наредбата, која стапува на сила веднаш, предвидува санкции за секое непочитување, пренесува порталот Religija.mk.

Во официјалниот документ, доставен до медиумите, владиката Петар наведува дека сè почестите изјави, коментари и ставови што свештеници ги објавувале на социјалните мрежи — особено за теми од дневно-политички карактер — може да се протолкуваат како официјални ставови на Преспанско-пелагониската епархија или дури на целата Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Забрануваме на сите свештени лица од ППЕ да поседуваат сопствени профили на социјалните мрежи или да користат профили под друго (лажно) име.

се вели во наредбата.

Ваква иницијатива од митрополитот Петар постоела и пред десетина години, кога преку Синодот на МПЦ-ОА се разгледувала можноста за поширока забрана на социјалните мрежи за свештенството. Но по тогашните реакции на јавноста и внатрешни несогласувања, иницијативата била повлечена.

Со новата наредба, митрополитот Петар сега повторно ја отвора темата за јавниот говор на свештените лица и односот на Црквата кон модерните комуникациски алатки. Сè уште нема реакција од Синодот на МПЦ-ОА дали оваа забрана ќе добие поширока поддршка или ќе остане ограничена само на територијата на Преспанско-пелагониската епархија.

Makedonski