Лекар од Струга со истечена лиценца, 4 години земал плата и додатоци
Четириесет и две годишен лекар од Струга, четири години земал плата и додатоци на плата, иако немал валидна лекарска лиценца, соопшти МВР.
„Во периодот од 15 јули 2020 година, од кога му истекла важноста на лекарската лиценца, па до добивање на отказното решение на 29 ноември 2024 година, пријавениот примал плата и други додатоци, со што го оштетил буџетот на установата и се стекнал со противправна имотна корист од 1.956.569 денари“, наведено е во соопштението на МВР.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против лекарот од Струга, кој бил лекар во Општа болница во Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
„Тој постапил спротивно на член 144-а од Законот за здравствена заштита на тој начин што од 01.07.2019 па до добивање на отказното решение на 29.11.2024 и за прекинот на специјалистичкиот стаж не ги известил надлежните, ниту се јавувал на своето работно место“, се вели во соопштението.