Меџити: Потпишан договор за грант со ЕБОР за старт на втората фаза од Регионалниот проект за управување со цврст отпад

7

Министерството за животна средина и просторно планирање потпиша договор за грант вреден 2 милиона евра со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што официјално започнува подготовката на втората фаза од Регионалниот проект за управување со цврст отпад во Северна Македонија.

Средствата се обезбедени преку Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан (WBIF) и се наменети за изработка на физибилити студии, како и за еколошки и социјални анализи за Вардарскиот и Југоисточниот регион.

На потпишувањето на договорот присуствуваа првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, и помошник директор во ЕБОР, Билјана Милошеска.

„Со средствата за кои денеска потпишуваме договор за грант обезбедуваме техничка подготовка за Вардарскиот и Југоисточниот регион, што е предуслов за изградба на модерна инфраструктура: санитарни депонии, претоварни станици и систем за ефикасно управување со отпад. Придобивките се конкретни – почиста животна средина, европски стандарди и директно подобрување на квалитетот на живот на граѓаните”, изјави министерот Изет Меџити на настанот.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, потенцираше дека поддршката на ЕУ за зачувување на животната средина во Северна Македонија продолжува.

„Зачувувањето на природните убавини на Северна Македонија бара решителна и ригорозна борба против цврстиот отпад на централно и локално ниво. Со 2 милиони евра грант финансирање од WBIF, ние ја продолжуваме посветеноста на ЕУ да ја поддржиме земјата во пронаоѓањето на најдобрите решенија за справување со проблемот со цврстиот отпад. Ова е само почетокот на тековната финансиска поддршка од ЕУ за Северна Македонија во областа на животната средина и управувањето со отпад,“ изјави Рокас.

Регионалниот проект за управување со цврст отпад е финансиран со заем од ЕБОР во висина од 55 милиони евра. Првата фаза, со износ од 47,5 милиони евра, веќе е во имплементација и опфаќа активности во Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион. Денешниот грант од 2 милиона евра ќе овозможи техничка подготовка за проширување на проектот во Вардарскиот и Југоисточниот регион.

Дополнително, во рамки на пошироката поддршка од ЕУ и WBIF, ќе биде обезбеден и инвестициски грант од 21,7 милиони евра за имплементација на проектот.

Makedonski