21 пожар за едно деноноќие – три активни, еден под контрола
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во текот на изминатото деноноќие биле регистрирани вкупно 21 пожар на територијата на државата. Од нив, три се сè уште активни, еден е под контрола, а останатите 17 се целосно изгаснати.
Во моментот, активни се следните пожари:
-
Во велешките села Џидимирци, Крушје и Иванковци, каде што е зафатена мешана шума;
-
Во реонот меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа, во општина Македонски Брод, каде што горат деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација;
-
Кај селото Нивичино во општина Василево, каде што гори нискостеблеста шума.
Под контрола останува пожарот во дојранското село Николиќ, каде што и понатаму тлее нискостеблеста шума.
Надлежните служби се на терен и преземаат мерки за целосно локализирање и гаснење на активните пожари. ЦУК апелира до граѓаните за внимателност и придржување до препораките за заштита од пожари во текот на летниот период.