Службениците на Имиграциската и царинска служба (ICE) ќе добијат пристап до личните податоци на 79 милиони корисници на Медикејд во САД, вклучително и нивните домашни адреси и етничка припадност, со цел да ги пронајдат имигрантите кои можеби не живеат легално во земјата, пренесува Асошиејтед Прес.
Според договорот, потпишан меѓу Центрите за Медикер и Медикејд услуги и Министерството за внатрешна безбедност, информациите ќе им овозможат на службениците на ICE „да ја пронајдат локацијата на странски државјани“ низ целата земја. Договорот сè уште не е јавно објавен.
Вонредното откривање на милиони лични здравствени податоци на службите за депортација претставува најнова ескалација во репресивната имиграциска политика на администрацијата на Трамп, која постојано ги тестираше законските граници во обидот да уапси 3.000 луѓе дневно.
Законодавци и дел од претставниците на Центрите за Медикер и Медикејд услуги (CMS) ја доведуваат во прашање законитоста на пристапот што службениците за депортација го имаат до податоците на корисници на Медикејд од одредени сојузни држави. Станува збор за потег кој првично беше објавен од Асошиејтед Прес минатиот месец, а кој, според претставници на Министерството за здравство и социјални услуги (HHS), имал за цел да ги открие лицата кои неправилно биле вклучени во програмата.
Но, најновиот договор за размена на податоци јасно открива што имаат намера да направат службениците на ICE со тие здравствени информации.
„ICE ќе ги користи податоците од CMS за да добие информации за идентитетот и локацијата на странски државјани идентификувани од ICE,“ се наведува во договорот.
Овој чекор може да има широки последици. Дури и ако овие податоци не бидат искористени директно, самото откривање може да предизвика сериозен страв кај луѓето кои бараат итна медицинска помош за себе или за своите деца. Претходни мерки против нелегалната имиграција веќе ги направија училиштата, црквите, судовите и другите секојдневни простори опасни за имигрантите, па дури и за американски државјани кои стравуваат дека може да бидат опфатени со рација.
Портпаролот на HHS, Ендру Никсон, не одговори на најновиот договор. Не е јасно дали Министерството за внатрешна безбедност веќе има пристап до податоците. Помошничката секретарка на Министерството, Триша Меклафлин, во писмена изјава наведе дека двете агенции „испитуваат иницијатива за да обезбедат дека нелегални имигранти не добиваат Медикејд бенефиции кои се наменети за законослушните Американци.“
Базата на податоци ќе им открие на службениците на ICE имиња, адреси, датуми на раѓање, етнички и расни информации, како и социјални осигурителни броеви на сите лица запишани во Медикејд. Оваа програма, која е финансирана од сојузните и државните буџети, обезбедува здравствено осигурување за најсиромашните, вклучително и за милиони деца.
Договорот не им дозволува на службениците на ICE да ги преземат податоците. Наместо тоа, ќе имаат ограничен пристап до нив во работни денови од 9 до 17 часот, сè до 9 септември.
„Сакаат да не претворат во имиграциски агенти,“ изјави еден претставник на CMS кој инсистираше на анонимност бидејќи нема дозвола да зборува со медиумите.
Имигрантите кои не живеат легално во САД, како и некои кои легално престојуваат, немаат право да се запишат во Медикејд — програма што обезбедува речиси бесплатна здравствена грижа. Медикејд е заеднички финансирана од државите и федералната влада.
Но, според федералниот закон, сите држави се обврзани да понудат итен Медикејд — привремена покриеност која плаќа само за итни, животоспасувачки услуги во болнички ургентни одделенија, достапна и за недржавјани. Оваа форма често ја користат имигрантите — и оние што се легално присутни, и оние што не се.
„Многу луѓе се запишуваат во итен Медикејд во најтешките моменти во животот,“ изјави Хана Кач, поранешна советничка во CMS за време на администрацијата на Бајден.
„Незамисливо е CMS да го прекрши довербата на корисниците на Медикејд на ваков начин,“ додаде таа. Според неа, лично идентификувачките информации на корисниците досега никогаш не биле споделувани надвор од агенцијата, освен во случаи на истраги за злоупотреби, измами или расипништво во програмата.