Само во Македонија – Клиниката „Козле“ остана без вода – пациенти се пренасочуваат на други клиники
Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје целосно остана без вода, поради што Министерството за здравство презеде итни мерки за згрижување на пациентите кои имаат потреба од хоспитализација. Според соопштението од Министерството, привремено ќе се врши прием на вакви пациенти на Универзитетската клиника за детски болести и на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Во меѓувреме, во клиниката „Козле“ ќе продолжи да функционира дневната болница, како и амбулантските прегледи. Министерството посочува дека ваквите мерки се преземени со цел да се обезбеди континуиран третман и грижа за најмладите пациенти. Хоспитализацијата во клиниката ќе се продолжи штом се нормализира водоснабдувањето.
Од установата информираат дека не се работи за дефект, туку дека поради локацијата во високата зона на градот, болницата – исто како и целата населба Водно – е погодена од недостиг на вода. Според нив, ЈП „Водовод и канализација“ обезбедило цистерни со техничка вода за одржување на основната функционалност, додека за пиење добиле донации.
Граѓаните деновиве сè погласно реагираат на проблемот со недостигот на вода во Скопје, укажувајќи дека со денови немаат вода во домовите и дека ова се повторува секое лето. Состојбата се оценува како алармантна и бара итна интервенција од надлежните институции наместо да си ја префрлаат одговорноста едни на други.