Скопје подготвено за старт на ЕМОФ 2025 – најголемиот младински спортски настан во историјата на земјава
Во недела, на 20 јули, со почеток во 20:30 часот, во арената „Јане Сандански“ во Скопје, свечено ќе биде отворен Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025 – најголемиот мултиспортски настан што досега се одржал во Македонија.
Оваа престижна спортска манифестација ќе трае седум дена, од 20 до 26 јули, и ќе ги обедини младите спортисти од целиот континент во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
На свеченото отворање ќе се одржи парада на сите 49 национални спортски делегации, како и на Тимот на бегалци под покровителство на Европските олимписки комитети (ЕОК). Илјадници спортисти на возраст од 14 до 18 години ќе продефилираат низ арената, носејќи ги знамињата на своите држави и симболизирајќи ја иднината на европскиот спорт.
Публиката ќе има можност да ги проследи обраќањата на претседателот на ЕОК, г. Спирос Капралос, и на претседателката на Република С. Македонија, г-ѓа Гордана Силјановска Давкова, која ќе го прогласи фестивалот за отворен.
Свеченоста ќе биде збогатена со голем сценско-музички спектакл инспириран од македонската култура, звук и визуелна уметност. Меѓу изведувачите ќе бидат Сара Мејс, Лара Иванова, Јанг Дади и Александар Тарабунов, кои ќе ја изведат официјалната химна на ЕМОФ – „Together We Shine“, дело на продуцентот Роберт Билбилов. Химната веќе се истакнува како симбол на младинскиот дух, заедништвото и олимписките вредности.
ЕМОФ Скопје 2025 ќе опфати натпревари во 15 спортски дисциплини, вклучително и атлетика, пливање, кошарка, ракомет, одбојка, џудо, велосипедизам, гимнастика и други. Натпреварите ќе се одржуваат во Скопје и Куманово, додека спортската гимнастика ќе се организира во Осиек, Хрватска, во соработка со хрватскиот и европскиот олимписки комитет.
Очекувањата се дека над 4.000 спортисти, тренери и официјални лица ќе пристигнат во земјава, придружени од стотици волонтери, новинари и гости. Македонија ќе ја претставуваат околу 200 млади спортисти – досега најголем национален контингент.
Покрај спортските натпревари, фестивалот нуди и богата културна програма, фан-зони, работилници, активности со младински олимписки амбасадори, како и појави на официјалната маскота – Shiny.
Целата церемонија ќе се пренесува во живо на Македонската радио-телевизија и EOC TV, со што фестивалот ќе биде достапен до гледачите низ цела Европа.
Организацискиот комитет упати благодарност до општините Кисела Вода, Аеродром, Центар, Карпош, Гази Баба, Сарај и Куманово за нивната поддршка и логистичка помош. ЕМОФ Скопје 2025 е не само спортски туку и државен проект што ја позиционира Македонија како достојна и модерна европска дестинација за големи меѓународни настани.