Изминатото деноноќие изгаснати 27 пожари, четири под контрола – активни во Василево, Македонски Брод, Прилеп и Липково
Во изминатите 24 часа, службите за противпожарна заштита изгаснаа 27 пожари на отворен простор, додека четири се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според последните информации, активни се пожари во:
-
село Нивичино, општина Василево,
-
село Грешница, општина Македонски Брод,
-
меѓу селата Царевиќ и Смолани, прилепски регион,
-
село Виштица, општина Липково.
Под контрола се ставени:
-
пожарот кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, општина Велес,
-
во село Николиќ, општина Дојран,
-
во општина Демир Хисар, кај градската депонија,
-
во општина Македонски Брод, кај селата Црешнево, Локвица и Крапа.
Најголем број интервенции имало во североисточниот и скопскиот регион. По три пожари се изгаснати во општините Ранковце и Куманово, два во Липково, а интервенции имало и во Старо Нагоричане, Кратово, Јегуновце, Теарце, Тетово, Свети Николе, Битола, Карбинци, Штип, Делчево и Росоман.
Во Скопје се изгаснати неколку пожари:
-
во Аеродром, на ул. „Гаврил Константиновиќ“,
-
во Гази Баба – кај стрелиштето Камник,
-
во Сарај – крај Вардар,
-
во Бутел – населба Визбегово,
-
во Ѓорче Петров – на влезот од населбата и на ул. „Васил Чакаларов“,
-
во Илинден – кај индустриската зона.
ЦУК апелира до граѓаните да се воздржат од палење отпад или стрништа на отворен простор и да пријават секое забележано огниште до надлежните служби.