Трамп го тужи Волстрит журнал за клевета поради сторија за роденденски писма до Епштајн
Претседателот на САД, Доналд Трамп, поднесе тужба за клевета против издавачот на Волстрит журнал и новинарите кои ја напишале сторијата за наводна колекција писма подарени на Џефри Епштајн за неговиот 50-ти роденден во 2003 година, меѓу кои и белешка со потпис од Трамп и скица од гола жена, објави Си-Ен-Ен.
Тужбата, со која Трамп која бара најмалку 20 милијарди долари оштета, претставува исклучително ескалирање на правната офанзива на Трамп против медиуми што ги смета за противници. Тој негира дека го напишал спорното писмо.
Во поднесокот од 18 страници, адвокатскиот тим на Трамп ја обвинува матичната компанија на Волстрит журнал за „очигледни пропусти во новинарската етика и стандардите за точно информирање“. Се наведува дека весникот, во својата сторија, не го објавил нацртаниот цртеж ниту пак самото писмо за кое новинарите тврдат дека го напишал Трамп.
„Причината за тие пропусти е што не постои автентично писмо или цртеж“, стои во тужбата поднесена во федералниот суд во Мајами.
Трамп се закани дека ќе поднесе тужба речиси веднаш по објавувањето на написот, кој го потпишаа новинарите Хадеја Сафдар и Џо Палазоло. И двајцата се именувани како обвинети во тужбата.
„Волстрит журнал и Руперт Мердок, лично, беа директно предупредени од претседателот Доналд Ј. Трамп дека наводното писмо кое го објавија, наводно испратено од Трамп до Епштајн, е ФАЛСИФИКАТ и дека, ако го објават, ќе бидат тужени“, напиша Трамп на платформата Трут соушал.
Претседателот додаде дека Мердок, сопственик на News Corp, матичната компанија на Journal, изјавил дека „ќе се погрижи за тоа“, но, како што напиша Трамп, „очигледно, немал моќ да го стори тоа“.
Портпарол на Дау џоунс, матичната компанија на Волстрит журнал, изјави: „Имаме целосна доверба во ригорозноста и точноста на нашето известување и ќе се браниме жестоко од секоја тужба“.
Односот на претседателот со Епштајн, покојниот осуден сексуален престапник кој почина во затвор во Њујорк во 2019 година додека чекаше судење за федерални обвиненија за трговија со луѓе, повторно е под лупа изминатите недели.
Трамп за време на неговата кампања во 2024 година изјави дека ќе размисли да објави дополнителни досиеја за Епштајн, ветувајќи дека ќе одговори на барањата на влијателни десничарски фигури кои подолго време бараат транспарентност и изразуваат сомнежи околу официјалната верзија дека смртта на Епштајн била самоубиство.
Меморандум објавен од неговото Министерство за правда овој месец наведува дека нема докази оти Епштајн, кој беше поврзан со највлијателни мажи од политиката и бизнисот во доцниот 20-ти век, водел „листа на клиенти“ што би ги инкриминирала овие лица во сексуални злосторства.
Откритието разочара дел од најверните поддржувачи на претседателот и предизвика внатрешни тензии што се заканија да го нарушат неговото МАГА движење.
Трамп има комплексен однос со Мердок кој трае со децении. Медиумската империја на Мердок е сопственик и на Фокс њуз – најгледаната и најпозната телевизиска мрежа која го поддржува Трамп, а таму работи и неговата снаа, Лара Трамп.
Правни експерти со кои разговараше Си-Ен-Ен велат дека не паметат пример кога актуелен претседател на САД тужел медиум за клевета.
„Колку што знам, ниту еден претседател на функција никогаш не тужел новинар, медиум или медиумски извршен директор за наводна клевета“, изјави адвокатот за Првиот амандман, Тед Бутрус, за Си-Ен-Ен.
Трамп веќе поднесе неколку тужби во 2024 година додека повторно се кандидираше. Во март ја тужеше Еј-Би-Си, тврдејќи дека Џорџ Стефанопулос и Еј-Би-Си њуз го наклеветиле кога водителот неколку пати изјавил дека поротата утврдила оти Трамп ја „силувал“ Е. Џин Керол.
Поротата утврди дека Трамп сексуално ја злоупотребил Керол и го прогласи за одговорен за напад, но не и за силување. Трамп негира какво било престапно однесување кон Керол. Компанијата Дизни, сопственик на Еј-Би-Си, се согласи да плати 16 милиони долари како дел од договор за идната претседателска библиотека на Трамп, преседан што го отвори патот за слични договори.
Пред две недели, Трамп ја повлече тужбата од октомври 2024 година против Си-Би-Ес њуз поради прилог во „60 минути“ во текот на изборната кампања. Сопственикот Парамаунт се согласи да плати исто така 16 милиони долари за библиотеката.
Компаниите Мета и X исто така склучија договори со Трамп за претходни тужби од времето пред неговиот прв мандат. Најмалку уште три случаи против медиумски и технолошки компании се сè уште во тек.
Професорот по право од Универзитетот Ричмонд, Карл Тобијас, изјави за Си-Ен-Ен дека предизвикот на Трамп кон Волстрит журнал е дел од низата медиумски пресметки, вклучувајќи ги и последните спогодби, како и пакетот кратења што го таргетира јавното радиодифузно работење.
Во секој од случаите, вели тој, „неговите напади врз медиумите го поткопуваат Првиот амандман, правејќи ги медиумите и другите повнимателни кога известуваат за Трамп, неговата администрација и други политичари“.
Неколку моменти по поднесувањето на тужбата, Трамп објави на Трут соушал дека со нетрпение очекува Мердок да сведочи под заклетва.
„Се надевам дека Руперт и неговите ‘пријатели’ со нетрпение ги очекуваат часовите испрашувања и сведочења што ќе треба да ги дадат во овој случај“, напиша претседателот.