ЕУ ја тужи Франција поради налепниците за рециклирање што ги користи на домашниот пазар
Брисел ја тужи Франција пред Европскиот суд на правдата поради строгите национални правила за обележување на отпад, кои, според Европската комисија, ги нарушуваат правилата за слободно движење на стоки во рамки на единствениот пазар, пишува Политико.
Одлуката доаѓа по повеќекратни предупредувања до Париз дека нивните обврзувачки обележувања за сортирање отпад познати како „Триман“ лого и „Инфо-три“ етикета не се компатибилни со правилата на Европската унија.
Според француското законодавство, производителите на амбалажа, текстил, мобилни телефони, па дури и градинарска опрема, мораат на своите производи да постават визуелни упатства кои го информираат потрошувачот како правилно да го фрли производот по употреба. Ваквите симболи, кои се задолжителни од 2022 година, ги прикажуваат деловите од производот и контејнерот во кој треба да завршат.
Сепак, Брисел инсистира на хармонизација на етикетите на ниво на целата ЕУ. Минатата година беше усвоена нова регулатива за пакување според која до август 2028 година, целата амбалажа во ЕУ ќе треба да има усогласена етикета со информации за материјалниот состав, за да се олесни сортирањето од страна на потрошувачите.
До тогаш, Комисијата смета дека спроведувањето на национални етикети е „непропорционално“ и претставува „пречка за слободното движење на стоките“, се вели во официјалното соопштение.
Бизнисите веќе со години се жалат дека различните барања за етикетирање во земјите членки ги зголемуваат трошоците и ја отежнуваат продажбата на производи на европскиот пазар, бидејќи мораат да ги приспособуваат пакувањата за секоја држава поединечно.
„Со години, логото Триман има несразмерно влијание врз европските компании, кои мораат да ги менуваат дизајните на пакувањето специјално за францускиот пазар“, изјави Франческа Стивенс, генерален секретар на здружението за пакување Јуропеан. Таа додаде дека „бизнисите мораа да сносат значителни дополнителни трошоци за да се усогласат со ова еднострано национално барање“.
Од француското Министерство за екологија изјавија дека земјата ќе го усогласи своето законодавство со новата европска регулатива за пакување до 2028 година, но дека дотогаш сакаат да го задржат логото Триман.
„Спорот ќе престане со стапувањето во сила на новата регулатива“, изјави за Политико портпаролот на министерството.
Европската комисија досега двапати ја предупредила Франција, во февруари 2023 и ноември 2024 година да го реши проблемот. Сега случајот ќе се решава пред Европскиот суд на правдата.
Франција има долга историја на донесување поамбициозни закони за циркуларна економија од оние што ги бара ЕУ.