Воен авион се урна врз училишен комплекс во Бангладеш
Најмалку 19 лица загинаа, а 164 се повредени откако воен авион на воздухопловните сили на Бангладеш се урна врз зграда на училишен кампус во главниот град Дака, пишува Би-би-си.
Несреќата се случила во населбата Утара, во северниот дел на градот, кога авион од типот F-7 удрил директно во двокатна зграда на „Milestone School and College“, предизвикувајќи огромен пожар и густ чад. Снимки од местото на несреќата ја прикажуваат драматичната сцена, додека спасувачките екипи се обидуваат да најдат преживеани под урнатините.
Повредените, меѓу кои има и деца, се префрлени во блиските болници, а дел од нив имаат сериозни изгореници. Лекарите од Националниот институт за изгореници и пластична хирургија соопштија дека се справуваат со голем број пациенти.
На местото на несреќата се уште траат спасувачките операции, додека илјадници луѓе се собраа околу училиштето, некои дури и качени на згради за да ги следат обидите за спасување.
Привремениот премиер на Бангладеш, Мухамед Јунус, најави целосна истрага за причините за несреќата и упати сочувство до семејствата на настраданите. Тој додаде дека сите институции се мобилизирани за да обезбедат помош за повредените.
Како знак на жалост, владата на Бангладеш прогласи Ден на жалост во вторник.