ВМРО-ДПМНЕ за првпат без кандидати за градоначалници во Западна Македонија
ВМРО-ДПМНЕ нема да кандидира свои претставници за градоначалници во општините во западна Македонија на претстојните локални избори. Ова го потврди премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, оценувајќи дека разговорите со коалициските партнери се исклучително конструктивни и се движат во позитивна насока.
– Разговорите со нашата внатрешна коалиција и потенцијалните партнери се завршени. Сега следуваат анализи кои ќе траат за време на годишните одмори, а очекувам до средината на август темата да се затвори и официјално да излеземе со соопштение, изјави Мицкоски.
Тој појасни дека, согласно договорот со коалициските партнери, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи нивните кандидати за градоначалници во западните општини, додека истите ќе ја поддржат партијата на советничките листи и на други нивоа каде тоа е возможно.
– Логично е да се поддржуваме едни со други. Мислам дека тоа ќе биде позитивен процес кој ќе заврши во втората половина на август, додаде Мицкоски.
Со ваквиот чекор, партијата прави историски пресврт во својата досегашна стратегија, оставајќи простор за зајакнување на владината коалиција и постигнување поголема политичка стабилност на локално ниво.