Млада возачка предизвика сериозен инцидент во тетовско – прегази велосипедист, удри во паркирано возило и заврши во дуќан

6

Сообраќајна несреќа со повеќе последици се случила вчера попладне на локалниот пат Тетово – село Требош, кога 22-годишна возачка од село Ратае предизвикала „карамбол“, повредувајќи велосипедист и оштетувајќи возило и деловен објект.

Според информациите од СВР Тетово, инцидентот се случил околу 17:10 часот, кога патничко возило „Фолксваген Поло“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Р.И. (22), прво удрило во велосипед управуван од 64-годишниот Р.Р. од село Требош. По ударот, автомобилот удрил и во паркирано возило „Фиат“, сопственост на 60-годишниот А.И. од Тетово, а потоа завршил и во ѕид од деловен објект.

Во несреќата, возачката Р.И. се здобила со тешки телесни повреди, додека велосипедистот поминал со полесни повреди. Двајцата се хоспитализирани и им е укажана лекарска помош во Клиничката болница во Тетово.

По наредба на јавен обвинител, увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Тетово, а истрагата за причините и околностите продолжува.

Ова е еден од многуте сообраќајни несреќи кои се случуваат во екот на летото и периодот кога Тетово и тетовско е преполно со гости од дијаспората кои ги искористуваат летните месеци да ги посетат своите родни места, а со тоа се зголемува и фреквенцијата од возила и пешаци на тетовските улици па може слободно да се каже дека полицијата има и полни раце работа но и слаба контрола на ситуацијата.

Сообраќајните незгоди овој период се најчести, велат тетовчани особено на булеварите „Илинденска“ и „Маршал Тито“ каде евидентна е гужвата но и непочитувањето на сообраќајните правила.

Покрај гужвите преку ден особено е мачно за живеење, велат тетовчани, во вечерните часови кога од локалите во централното градско подрачје се слуша гласна музика до полноќ без притоа да се почитуваат законските одредби во однос на гласноста и времетраењето на музиките по градските локали.

Целата оваа состојба би требало да потрае до средината на септември кога гостите од дијаспората се враќаат во земјите каде што престојуваат, а Тетово конечно здивнува.

Makedonski