САД повторно најавија повлекување од УНЕСКО – трет излез за четири децении
Соединетите Американски Држави официјално најавија дека повторно ќе се повлечат од Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО). Одлуката, соопштена од американската Влада, ќе стапи на сила на 31 декември 2026 година.
Како што посочуваат од Белата куќа, повлекувањето доаѓа по ревизија започната во февруари оваа година под водство на амерканскиот претседател Доналд Трамп, и е мотивирано од, како што се наведува, „претераната ориентација на УНЕСКО кон либерални и идентитетски политики“, кои Вашингтон ги оценува како политички пристрасни и спротивни на принципите на надворешната политика „Прво Америка“.
УНЕСКО е критикувана за своите програми за борба против расизмот, застапеноста на родова еднаквост, како и за приемот на Палестина како полноправна членка – потег што САД го сметаат за „анти-израелски“.
Ова ќе биде третото повлекување на САД од УНЕСКО. Првиот пат се случи во 1984 година под администрацијата на Роналд Реган, вториот во 2017 под Трамп, по што следуваше враќање во 2023 година за време на претседателот Џо Бајден.
Организацијата со седиште во Париз изрази жалење поради одлуката, но истакна дека е финансиски подготвена за вакви ситуации, имајќи предвид дека во последните години го намалила американскиот удел во буџетот на околу 8% и ги проширила изворите на финансирање.