Собранието го изгласа ребалансот на Буџетот за 2025 година: Власта зборува за развој, опозицијата за фискален хаос

6

Со 65 гласа „за“ и 14 „против“, Собранието попладнево го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година. Седницата мина во знак на жестоки дебати меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, кои имаа сосема различни толкувања за фискалниот документ.

Власта оцени дека ребалансот ќе овозможи економски раст, повисок животен стандард и подобра распределба на јавните пари. Министерската за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека измените се усогласени со актуелните макроекономски трендови и дека се фокусирани на сервисирање на обврските, капитални инвестиции, зголемување на платите и подобрување на услугите во здравството, образованието и безбедносниот сектор.

„Овој буџет финансира развој, а не изборна кампања. Тој е насочен кон иднината – со поддршка за болници, училишта и патишта“, рече министерката.

Според власта, се предвидува зголемување на платите во јавниот сектор, зголемени средства за младите и пензионерите, како и за реализација на капитални проекти во општините.

Опозицијата: Буџет за партиски интереси, не за граѓаните

Сосема поинаква слика презентираше опозицијата. Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, го нарече ребалансот неразвоен, фискално неодговорен и скроен за краткорочни политички интереси.

„Со ребалансот се кршат основните фискални правила. Дефицитот достигна 4% од БДП – над законски дозволеното. Во само два и пол месеци, тој е двојно зголемен, што е доказ за изгубена контрола врз јавните финансии“, предупреди Битиќи.

Тој посочи дека до крајот на годината е планирано ново задолжување од 500 милиони евра, додека јавниот долг, според Фискалниот совет, ќе достигне 62,1% од БДП – над препорачаната граница. Дополнително, постојат над 700 милиони евра неисплатени обврски кои не се формално дел од долгот, но реално го оптоваруваат буџетот.

Како особено спорни, ги посочи трошоците за стоки и услуги – кои се дуплираат, вклучувајќи и средства за набавка на нови автомобили. Битиќи ја критикуваше и планираната сума од речиси 2 милиони евра за штанд од само 134 квадратни метри на ЕКСПО 2027 во Србија.

Опозицијата го оспори и новиот закон за линеарно зголемување на пензиите, оценувајќи дека 92% од пензионерите ќе добијат помали зголемувања отколку што би им следувале според постојниот модел.

Makedonski