Спречена потенцијална катастрофа под Царев Врв — пронајдени десетици автомобилски гуми и запалив материјал
Вчера попладне, на над 2.000 метри надморска височина, во речиси непристапната месност Алтн Врв под Царев Врв на Осоговските Планини, шумочувари од подружницата „Осогово“ при Национални шуми – Крива Паланка, спречија потенцијално катастрофален пожар.
На терен каде ретко се среќава човечко присуство, тие наидоа на над триесет стари автомобилски гуми, внатрешни гуми, картон за потпалување, како и суви борови гранки и стебла – сето тоа намерно оставено и подготвено за палење. Благодарение на нивната навремена интервенција, спречено е ширење на пожар кој, според проценките, лесно би можел да зафати делови од блиската шума.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) апелираат до граѓаните да останат будни и веднаш да пријават било какво сомнително однесување или активности кои укажуваат на намерно предизвикување пожар. Доколку забележат присуство на запалив материјал како гуми, дрвени палети, пластични туби или шишиња со сомнителна течност, да се јават на бројот 112 или да информираат најблиска полициска станица, припадници на полицијата или други надлежни служби.