Само дел од европските милијарди за енергетска криза во Западен Балкан завршија во зелени проекти

4

Повеќе од две години откако Европската комисија најави пакет од една милијарда евра за справување со енергетската криза во земјите од Западен Балкан, нов извештај на CEE Bankwatch Network открива дека само околу 163 милиони евра од таа сума можат реално да се поврзат со мерки што ја адресираат суштината на кризата и ја поддржуваат Зелената агенда за регионот.

Иако поддршката беше најавена уште во ноември 2022 година како итна интервенција за ублажување на последиците од енергетската криза и забрзување на енергетската транзиција, досега речиси и нема јавен увид во трошењето и постигнатите резултати, пренесува Еко-свест.

Средствата беа распределени во два дела: 500 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, и 500 милиони како директна буџетска поддршка за ранливи домаќинства и мали бизниси. Деведесет проценти од буџетската поддршка беа исплатени меѓу февруари и мај 2023 година, додека остатокот беше условен со исполнување на акциски планови – за кои јавноста сè уште нема увид.

Во пракса, најголем дел од средствата завршиле како краткорочни субвенции за сметки за струја. Во Албанија тие ги покривале постојните шеми, а во Црна Гора и Србија биле обезбедени еднократни исплати без долгорочно влијание. Дополнително, во дел од земјите биле вклучени и мерки за „енергетска безбедност“, кои вклучувале субвенционирање на фосилни горива.

Во Северна Македонија, целокупната субвенција за струја завршила директно во државната компанија АД ЕСМ, наместо кај најранливите категории. Ова се случувало додека компанијата веќе добивала значителна државна поддршка за купување јаглен, мазут и гас.

Иако речиси сите држави планирале субвенции за енергетска ефикасност, обновливи извори и термоизолација, само Босна и Херцеговина објавила конкретни информации за напредокот. Од 500 милиони евра директна помош, според Bankwatch, само 41,1 милион може да се поврзе со вистинска поддршка за енергетската транзиција.

Недостатокот од транспарентност во трошењето на овие средства е алармантен. ЕУ фондовите се распоредуваат врз основа на лабави критериуми, без јавни консултации, јасни планови и редовни извештаи.

изјави Давор Пехчевски од Bankwatch, коавтор на анализата.

Елена Николовска од Еко-свест додаде дека, иако најлошите последици од кризата се зад нас, време е властите и Европската комисија да дадат отчет. „Очекуваме темелна евалуација на целиот пакет, со вклучување на граѓанскиот сектор и објавување на резултатите во јавноста“, порача Николовска.

Makedonski