Зелен Хуман Град: Принудени сме да формираме партија

6

Граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“ (ЗХГ) објави дека започнува процес за формирање политичка партија, нагласувајќи дека овој чекор е преземен од нужда, а не од желба. Како што информираат преку својот фејсбук профил, целта е да се обезбеди учество на локалните избори, откако институционалните бариери, според нив, ги оневозможуваат независните иницијативи да се кандидираат.

„Принудени сме да направиме техничка партија. Ова не е наша прва опција, туку единствениот преостанат пат да продолжиме да се бориме“, стои во објавата.

Од ЗХГ објаснуваат дека правниот вакуум создаден со недонесувањето на измените на Изборниот законик – кои требаше да ја спроведат одлуката на Уставниот суд – им го ускратува правото да поднесат независни листи за советници на локалните избори во 2025 година.

„Во 2021 ни го отежнаа патот со барање 10.000 потписи, во 2024 беа 4.500, но сега, за 2025, не ни постои јасна правна можност за независно кандидирање. Ако не ја формираме оваа партија, ќе мора да се откажеме од сè што досега сме изградиле, а тоа значи и целосна партиска контрола врз советите без опозиција од народот“, појаснуваат од иницијативата.

Зелен Хуман Град уверува дека нивната структура и идеологија остануваат исти — зелена, хумана и хоризонтална. Потенцираат дека формирањето партија е исклучиво инструмент за учество на избори, а не промена на нивните вредности или начин на работа.

„Партијата е само алатка. Ние сме тука за граѓаните, а не за партиските елити што со децении го разнебитуваат ова општество. Немаме милиони, немаме лобисти, имаме само една сила – вас, граѓаните“, порачаа од ЗХГ.

Иницијативата апелираше за поддршка од јавноста и започна собирање 1.000 потписи – услов за регистрација на нова политичка партија.

Makedonski