Европската унија и САД на чекор до трговски договор додека се ближи рокот за новите царини
Канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, изјави дека преговорите меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави околу долгогодишниот трговски спор напредуваат, додека се наближува рокот за евентуално воведување нови високи царини од страна на Вашингтон, објави АлЏезира.
Говорејќи во Берлин во средата, пред работната вечера со францускиот претседател Емануел Макрон, Мерц изјави: „Во последниве неколку минути слушнавме дека можеби ќе има одлуки,“ алудирајќи на тековните разговори насочени кон избегнување 30-процентна царина на европски производи.
САД претходно се заканија дека ќе воведат царина од 30 отсто на извозот од ЕУ доколку не се постигне договор до 1 август.
Но, надежите за пробив се зголемија оваа недела откако се појавија информации дека двете страни се блиску до договор кој би предвидел компромисна царина од 15 отсто за европски стоки, слично на неодамна постигнатиот договор меѓу САД и Јапонија.
Претседателот Макрон изјави дека европските лидери и Европската комисија се во „постојан контакт“ за да ја координираат својата реакција на американскиот притисок.
„Сакаме најниски можни царини, но и да бидеме почитувани како партнерите што сме“, изјави Макрон.
Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, во изјава за Блумберг рече дека „разговорите одат подобро отколку досега“ и дека има напредок.
Дополнителни разговори во средата се одржаа и меѓу еврокомесарот за трговија Марош Шефчович и американскиот секретар за трговија, Хауард Лутник, додека официјални лица од Европската комисија ги информираа земјите членки на ЕУ по последната рунда.
Дипломати за Фејненшел тајмс изјавија дека неодамнешниот договор меѓу Вашингтон и Токио извршил дополнителен притисок врз Брисел да прифати компромис, иако со одредена доза на неодобрување.
Доколку се финализира, договорот меѓу ЕУ и САД би можел да предвиди и одредени исклучоци, на пример за авионската индустрија, медицинска опрема и алкохолни пијалаци, пренесува весникот.
Сепак, Европската комисија, која ја води трговската политика за целата ЕУ, веќе подготви план за реципрочни мерки со воведување царини во вредност од над 100 милијарди долари доколку преговорите пропаднат.
Оваа ситуација доаѓа во момент кога извозниците од ЕУ веќе плаќаат 10 отсто царина за извоз на стоки во САД од април годинава, покрај постојните трговски давачки.