Здруженија, организации, граѓански иницијативи… на локалните избори ќе настапат како партии
По иницијативата на граѓанските организации, Уставниот суд во мај ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои лани партиите без никаква јавна консултација го кренаа прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори. Ова укинување сѐ уште не е спроведено од Собранието.
Граѓанските иницијативи и здруженија најавуваат дека тие ќе бида приморани да формираат партија за да можат да учествуваат на локалните избори.
„Независните граѓански иницијативи се обединуваат во заедничка платформа за учество на локалните избори. Со здружување во заедничка формално регистрирана платформа ќе се бориме против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес. Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби“, најавуваат од Независни за Карпош.
Во оваа нова платформа веќе се вклучени иницијативите Шанса за Центар, Независни за Карпош, Зелените од Гази Баба, граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови.
Повеќе граѓански организации, вклучително и Зелен хуман град, изминатиот период разговараа за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап. Сепак, Зелен хуман град одлучи самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно.
Ние останатите остануваме верни на вредностите на солидарност, заедништво, инклузивност и доверба, велат од Независни за Карпош и повикуваат за потпишување на нивната платформа за формирање партија.
Но, истовремено тие предупредуваат: „Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ЗХГ, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов“.
„Сè ќе направат за да нè снема. Менуваа Изборен законик во 2021 за да мора да собираме 10.000 потписи да добиеме право да се кандидираме за Совет на Град Скопје – не им успеа. Истото го направија во 2024 – ни тоа не им успеа. Затоа сега партиите што 30 и повеќе години ја парчосуваат Македонија решија дека независните веќе да не може да се кандидираат на избори“, соопштуваат од иницијативата Зелен хуман град.
Треба да ја вратиме моќта во рацете на обичниот човек, велат од ЗХГ.
„Успехот што независните го постигнаа сите овие години нема тука да умре. Не само што нема да запреме, туку ќе ги победиме во нивната игра. Како? ЗХГ има јасни и строги правила за внатрешно функционирање кои во изминативе четири години се покажаа како силен филтер на членство. Благодарение на тие правила, ЗХГ функционира како силно здраво јадро од волонтери каде што не се толерира никаква агресивна комуникација, ниту се овозможува отстапување од идеолошките принципи околу кои групата се обедини. Таквата принципиелност и здрава атмосфера е несвојствена за партиите. Една силна здрава група како нашата можеби не се шири брзо, но се шири стабилно и единствено таквите групи имаат моќ да донесат трајни промени во општествата. Сте чуле за партија чиишто основачи со години, па и со децении, волонтирале за општо добро? Не? Е па ЗХГ ќе ја формира првата таква партија“, велат од Зелен хуман град.
За формирање партија потребни се 1.000 потписи. Уставните судии решија веќе да не постои обврска независните кандидати да мора да собираат по 1 процент од вкупно запишаните избирачи во одделни општини и во Градот Скопје за да се јават во улога на кандидати за градоначалници и за советници во општинските совети. Ова значеше собирање потписи од по неколку илјади граѓани за независна кандидатура.
Се чека на одлуката на Собранието.
А.Д.