Албанија доби „зелено светло“ за отворање на последното преговарачко поглавје со ЕУ

5

Албанија официјално доби одобрение од Европската Унија за отворање на последното преговарачко поглавје во рамки на процесот за пристапување кон ЕУ. Станува збор за Групата поглавје 5, која ги опфаќа ресорите земјоделство, ресурси и кохезија, информира албанскиот премиер Еди Рама.

„Албанија не запира. Денес, 23 јули 2025 година, Комитетот на постојани претставници на ЕУ ги овласти данските власти – кои претседаваат со Унијата – да ја поканат Албанија да ја достави својата преговарачка позиција за оваа клучна група поглавја“, напиша Рама на социјалните мрежи.

Следниот чекор за Тирана е формулирање и доставување на официјалната преговарачка позиција до данското претседателство.

На позитивниот развој реагираше и претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, која нагласи дека законодавниот дом ќе ја поддржи целосно подготовката и презентацијата на позицијата, како и сите активности поврзани со унапредување на земјоделството, одржливиот рурален развој и кохезионата политика.

„Парламентот ќе ја засили и парламентарната дипломатија со цел да ја исполниме нашата национална цел – Албанија да стане членка на Европската Унија до 2030 година“, истакна Спиропали.

Makedonski