Црвен метео аларм: Температурите до 43°C, Владата ги ослободи од работа најзагрозените категории

7

Македонија е зафатена од интензивен топлотен бран, поради кој дневните температури до сабота ќе бидат значително над јулскиот просек. Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), максималните температури ќе достигнуваат од 34 до дури 43 степени, зависно од регионот.

Највисоки температури се очекуваат во Скопскиот, Вардарскиот и југоисточниот регион — до 43°C. Во Пелагонија температурите ќе се движат од 38 до 40 степени, додека Полошкиот регион ќе бележи температури од 32 до 38 степени. Источниот, североисточниот и југозападниот регион ќе се соочат со температури од 34 до 38 степени.

Времето ќе биде сончево и исклучително топло, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 10 до 19°C, а максималните ќе бидат екстремно високи.

Поради опасноста по здравјето, УХМР веќе издаде црвен метео аларм. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки за самозаштита, додека Владата донесе одлука со која од 23 до 26 јули се ослободуваат од работни обврски бремените жени и лицата над 60 години.

Министерството за здравство апелира граѓаните да се придржуваат кон препораките: да остануваат во разладени простории особено во периодот од 11 до 17 часот, да внесуваат доволно течности, да избегнуваат алкохол и засладени пијалоци, да носат лесна и светла облека и заштита за глава и очи, како и да избегнуваат физичка активност во најтоплите делови од денот.

ИЈЗ особено апелира за заштита на ранливите категории – вклучително и градежници, земјоделци, сообраќајна полиција и лица што работат на отворено – со можност за воведување на флексибилно работно време, онлајн работа, или двократен распоред со почести паузи и обезбедена хидратација.

Врз база на сето ова, а сходно со препораките на Владата дали Премиерот и министерот за здравство ќе сносат последици после вчерашното прекршување на препораките кои самите ги донесоа и држеа прес на отворањето на новиот здравствен дом во Илинден во време кога е најжешко?

Makedonski