Скандалозна агенда на Тетовското културно лето 2025
Уште пред извесен период градоначалникот на Тетово, Билал Касами се пофали дека оваа година „Тетовското културно лето 2025“ ќе биде проследено со богата културна и музичка програма, па тетовчани сметаа дека сите критични грешки направени изминатиот период од страна на организаторот со секоја нова програма ќе бидат надминати. Но, оваа година наместо култура за сите и секого, тетовчани добиваат скандалозна агенда.
Имено, во агендата на годинешното „Тетовско културно лето“ која патем беше напишана и објавена само на албански јазик, се предвидени денови на култура врз база на народите кои живеат во Тетово, па така на организаторот „му текнало“ да си поигра со чувствата на македонскиот народ и предвидел два дена на „македонската заедница“. Да беше ова објава за „Поградечко или Призренско лето“ ќе беше се во ред, ама во Тетово, град во Република С. Македонија сопствениот домицилен народ да е „заедница“ е непрофатливо до срж.
И да бидеме реални не е прв пат ваков случај на „понижување“ особено во Тетово но загрижува самата помисла дека до пред некој ден немаше никаква реакција за ова скандалозно однесување на организаторите кои патем организираат настан кој го плаќаат тетовчани.
Освен една политичка партија и „тивкиот револт“ од страна на граѓанството ништо друго не крена глас за ваквиот скандалозен чин, особено не Владата, ЗЕЛС, или не дај Боже онаа агенцијата за употреба на јазици која се употребува само кога треба да се „ќари“ некое поенче.
Епа драги наши локални власти, ниту мултиетничко ниту мултикултурно Тетово се гради со вакво однесување. Знаеме дека веќе на тетовскто граѓанство му е апсолутно сеедно кој ќе седне во градоначалничката столица со оглед на тоа дека сите гласаат помеѓу два „исти“ кандидати но не треба „мнозинството“ да се опушта и да си креира самата заклучоци дека покрај сето друго и ова ќе се премолчи па на раат да можат да си тераат „агенда“.
Како стојат работите, ако се молчи на олкави скандалозни киксеви тогаш неподнесувањето на кандидати за градоначалници на политичките партии од македонскиот блок е „мачкина кашлица“, се надевам дека почитта кон македонскиот народ кој патем одлучува и ги избира сите градоначалници во Тетово, ќе биде сфатена онака како што и доликува и дека ваквите наивни и скандалозни однесувања ќе бидат минато, ако не денес барем некогаш…