Арсовска алармира за „урбана мафија“ во Гази Баба, повикува на отпор против спорен ДУП
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален Фејсбук профил, повторно алармираше за, како што рече, активирање на „урбаната мафија“, со фокус на општина Гази Баба. Таа ги повика граѓаните и кандидатите за градоначалници да се спротивстават на спорниот Детален урбанистички план (ДУП), за кој тврди дека предвидува масовна бетонизација без предвидено зеленило.
Арсовска потсети дека во изминатите четири години не дозволила реализација на планот кој, според неа, предвидува изградба на над 100.000 квадратни метри објекти без ниту еден процент зелен простор.
Барајте од секој кандидат за градоначалник нотарски заверена изјава дека нема да гласа за ваков штетен проект.
напиша таа.
Таа упати критики и за веќе усвоен урбанистички план во општина Ѓорче Петров, за кој тврди дека бил изгласан „во тишина“ за време на викенд, без јавна дебата. Планот, според неа, предвидува изградба на три хемиски фабрики и 31 висококатница.
Апелот доаѓа во чувствителен политички момент, кога партиите ги промовираат своите кандидати за претстојните локални избори, а урбанизмот и заштитата на јавниот простор стануваат сè позастапени теми во јавниот дискурс.